Средби и стратегија за пласман пред, а не за време на сезоната бараат земјоделците
Стратегијата за пласманот на земјоделското производство да се прави сега, а не за време на откуп, бараат градинарите. За да се избегнат проблемите со вишок производство и нестабилни цени, потребна е добра подготовка и предвидување на пазарните потреби, смета претседателот на потсекторската група за градинарство Драги Памуков.
Според него неопходно е да се започне со плански пристап уште на почетокот на годината и повикува на заедничка средба веднаш по празниците во јануари со сите чинители вклучени во процесот на производство, продажба и преработка. Памуков верува дека на ваков начин многу полесно ќе се најдат решенија за проблемите и ќе се дојде до поефикасно функционирање на целокупниот сектор.
Редовната комуникација со трговците, преработувачите и надлежните институции, може да помогне раноградинарите да го прилагодат своето производство на реалните потреби на пазарот и да избегнат ситуација на прекумерна продукција или недостиг на одредени производи, вели Памуков.
Она што исто така им недостасува на земјоделците е база со податоци за тоа кој и колку произведува. Ако се создаде таква база, ќе се избегнат периодите на хиперпродукција, а истовремено ќе се овозможи поефикасно планирање на производството и продажбата. Во моментов, единствените податоци за видот на културите кои се одгледуваат во одредени региони можат да се добијат врз основа на пријавите за субвенции.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар