Македонија
22. December 2024 - 16:46

Каде е Груби? Политичките препукувања продолжуваат

Дали е во Албанија, дали во Косово, дали е дел од ДУИ или не, кој му помогна да избега- власта и опозиијата не престануваат со обвинувања за тоа кој е одговорен за бегството на Груби, но и шпекулации за тоа каде се наоѓа во моментов.

Премиерот повика да не се шпекулира околу локацијата на поранешниот вицепремиер кој се бара со меѓународна потерница.  Ако е чист како солза ќе се врати во Македонија да докаже, го повика Мицкоски.

Но од опозициската СДСМ не се откажуваат од идејата дека бегството на Груби е смислено од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Полицајци лично поставени од Тошковски, велат го пропуштиле на Блаце, а сега од МВР не можат да го лоцираат.

Но, денес е нејасно како Тошковски може да биде толку неинформиран и МВР толку слаба институција под негово водство, кога Изет Меџити коалицискиот партнер на Мицкоски знае дека Груби е во Албанија, а Тошковски не? Го праша ли Тошковски Меџити од каде му се информациите? Тошковски веќе одамна е зрел за оставка, премногу скандали се случија без никаква политичка одговорност.

Според ВМРО-ДПМНЕ пак и СДСМ и Артан Груби имале егзистенцијална поврзаност- му овозможувале се што сака на Груби, за да останат еден ден повеќе на власт.

Сметам дека има политичка мотивација кај Ковачевски со Артан Груби и со случаите на Лотарија, политичката мотивација беше едноставна, колку повеќе ќе му се дозволи на Артан Груби да се занимава со незаконити работи и да биде доминантен фактор во владата па и надвор од владините институции во случајот во лотарија толку подолго денови недели или месеци Ковачевски ќе биде премиер на државата. Тоа беше цената заради која Ковачевски с е согласи наместо премиер да му биде асистент на вистинскиот човек кој што ја имаше моќта во власта а тоа беше Артан Груби.

Зад завесите на театарот за бегството на Груби се крие колективен договор на политичките елити, велат од Левица. Бараат да се побара екстрадиција за Груби до Косово, бидејќи за нив меѓународната потерница не е обврзувачка.

Државните институции уште еднаш се покажаа како лојален соработник на криминалците од политичката елита. На случајот му предничеше најава од извршната власт. Дипломатската логистика служела како транспорт, полицијата била нем посматрач, граничниот премин функционирал со врзани очи, а потерница е распишана неколку дена по реализацијата на „бегството“. Наместо гонење, државните институции стимулираат организиран криминал.

Пред неколку дена организацискиот секретар на ДУИ, Блерим Беџети изјави дека Груби не е веќе дел од ДУИ, а самиот Груби донел таква одлука. Беџети истакна дека ќе ги почитува одлуките на Стејт департментот и го повика поранешниот сопартиец да се врати во Македонија.

Кривичниот суд му определи 30 днеден притвор на Артан Груби за случајот Државна Лотарија, кои ќе почнат да му важат кога ќе биде на македонска територија.