Претседателката до дипломатскиот кор: ЕУ треба помалку да наредува, а повеќе да убедува
Со цврсти пораки, научени лекции и оптимизам дека Македонија ќе стане дел од Европската Унија, претседателката Гордана Силјановска Давкова, се обрати пред дипломатскиот кор.
Дека за неа, но и за државата се исклучително важни принципите и вредностите на ЕУ, кажа пред присутните амбасадори, меѓу кои и евроамбасадорот Микалис Рокас. Но Силјановска испрати и порака до Унијата во која Македонија веќе 20 години е во европската чекална.
Ако сака ЕУ да биде навистина инспиративен демократски политички систем, или како што вели Сајмон Хикс „неидентификуван политички субјект“, мора повеќе да убедува, а помалку да наредува на патот на политичкото обединување на државите кои се нејзин природен дел: географски, историски, културно.
Во 21 век, во време на постоење на ООН, Меѓународниот суд на правдата, Меѓународниот кривичен суд, Советот на Европа, Судот во Стразбур, ЕУ, Судот во Луксембург... хипокризија е да се повторува и да се дејствува по формулата: силните го прават тоа што можат, а слабите, тоа што мораат, истакна претседателката.
Како да не е научена лекцијата од крвавиот распад на Југославија, кога ЕУ доцнеше, а САД стигнуваа први, истакна во својот говор.
-Посакувам во 2025 да ни биде овозможено да тргнеме кон европскиот политички дом каде што географски, историски и културно сме биле и сме. Ако Западниот Балкан е „Ахилова пета“ за поетски настроените западни политичари, тогаш треба да се грижат да не биде погоден од некое оружје. Посакувам, во името на сите граѓани на крилјата на Реформската агенда да се европеизираме по мерка на Копенхашкиот модел! Балканот е природен дел на Европа, членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе овозможи крај на опасноста од дестабилизација и балканизација!
Во пораките за мирна и успешна година на дипломатскиот кор, претседателката истакна дека членството во ЕУ било и ќе остане врвен македонски државен интерес и приоритет, а Брисел македонска стратешка дестинација.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар