Македонија
18. January 2025 - 19:54

Дојран прва општина со подземен катастар

Општина Дојран прва во државата изработи подземен катастар. Проектот треба да помогне за прецизен увид во постојната мрежа за водоснабдување  и во превенцијата и намалување на загубите на вода.

Овој катастар е особено значаен за решавање и на проблемот со слабиот притисок во повисоките делови од градот, особено во текот на летниот период. Проектот е изработен во соработка со Германската асоцијација за меѓународна соработка и според градоначалникот Анго Ангов значи сериозна основа за идни проекти и зафати на општината која ќе овозможат планирање и инвестиции за модернизација на инфраструктурата.

Преку истиот проект набавени се и монтирани 300 паметни водомери кои помагаат во дигитализацијата на комуналното претпријатие и  детектирањето на проблемите.

Според најавите од општина Дојран, оваа година се планирани и серија други зафати на водоводната мрежа кои треба да овозможат решвање на деценискиот проблем со водоснабдувањето во овој туристички центар.