Македонија
17. January 2025 - 16:39

Со фалц документи тргувале со нафта на големо

Лажирале набавка на резервоари за нафта за да можат да ја задржат лиценцата за трговија со нафтени деривати. Финансиската полиција бара кривична одговорност од три лица, компанијата Тритерол и уште една фирма за фалсификување на службена исправа и користење на фалсификувана документација. 

Прв меѓу пријавените е вработен во бирото за метеорологија кој во декември 2022 ја лажирал документацијата. Иако бил свесен дека воопшто не е извршена набавка на нови резервоари за нафта изготвил документи дека тие наводно се во функција.

На тој начин на компанијата Тритерол и овозможил да продолжи да работи со нафта на големо иако не ги исполнувала условите за тоа. 

Кривична одговорност се бара и од управителот на Тритерол Петрол Зоранчо Англов кој веќе им е познат на органите на прогнот имајќи предвид дека пред месец дена доби кривична пријава за затајување на данок откако финансиската полиција го фати со лажни фактури на половина милион евра. Ангелов во март лани доби кривична и од штипската полиција која го сомничи за криминал од 300.000 евра при испорака на нафта во општина Штип. 

Сопственик на фирмата Тритерол е Љупчо Пецов, во крималните кругови познат како Ѓаволот. И тој зад себе има дебело полициско и судско досие но и огромен број на тендери за нафта во време на претходната власт. 

И Пецов кој е во бегство е обвинет за затајување на данок и тоа во повеќе случаи од кои последен е случајот Синџир. Со законот имал проблеми уште во 2013 кога заедно со мајка му и татко му беше осуден на 7 години затвор за криминал тежок 3 милиони евра направен со злоупотреба на тендери за нафта во аферата Керозин. Само што излезе од затвор повторно почна да добива тендери. Само лани од државата добил 74 тендери тешки над 2 милиони евра.