Македонија
17. January 2025 - 16:43

Дел од маркетите ги замрзнаа цените на дел од основните производи во следните шест месеци

Три од големите ланци на маркети решија да ги задржат цените од т.н. Новогодишна кошница. Еден од нив дополнително ги замрзна цените на 100 основни производи во следните шест месеци. 

Заменик министерот за економија и труд беше во посета на еден од нив. Вели дека идејата околку Новогодишната кошница била токму тоа, да се подигне нивото на општествена одговорност кај трговците.

Маркетите сега имаат забелешки за Законот за нефер трговски практики кој почна да се имплементира од Нова година. Велат дека со овој Закон сега се ограничени во делот на промоција на одредени производители кои досега плаќаа за да се најдат на рекламни летоци, акции, но и наградни игри. Што практично беше и главната причина за носењето на овој Закон. 

Заменик министерот Ристески вели, се уште е рано, надлежните ја следат имплементацијата, но доколку е потребно ќе има корекции.

- Законот можеби не е идеален. Тоа ќе покаже праксата. Ние заедно со КЗК, тука е вклучена и Пазарната инспекција во делот на одредени ингеренции и одговорности. Ќе го пратиме законот и имплементирањето на законот, во соработка со бизнис секторот, пред се со производителите и добавувачите, па и маркетите ќе видиме дали во блиска иднина ќе треба да се променат одредени делови и членови во Законот, вели Ристески.

Новогодишната кошничка траеше до 15 јануари. Надлежните ја оценија како успешна, но колку домаќинствата заштедители со неа ќе се знае откако Економија ќе направи анализа. Ова е втора ваква кошница, по септемвриската, а најавите од надлежните се дека такви ќе има и за Бајран и за Велигден.