Македонија
21. September 2016 - 14:58

Проект за ефикасна контрола на работата на полицијата

Една од главните цели на полицијата во демократското општество е да ги штити и почитува човековите слободи и права на поединецот. Полицијата мора да биде блиска до граѓаните, да одговара на нивните потреби и проблеми, од маалата и населените места, преку специјалните единици до единиците за справување со организиран криминал.

Ова денеска го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на конференцијата за промоција на заедничката програма „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување“, чија цел е да ги поддржи националните власти во нивните напори за надминување на идентификуваните недостатоци и слобости поврзани со заштита на човековите права во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики. Проектот е со времетраење од 18 месеци, а вкупниот буџет изнесува 550 илјади евра.

- При  преземањето на активности во рамки на своите овластувања, полициските службеници мора стриктно да го почитуваат правото на живот и хумано да постапуваат со секое лице, без разлика дали лицето бара заштита од полицијата или пак е лице кое го крши законот и е сторител на некое кривично дело. Во своето постапување полициските службеници имаат обврска да ги почитуваат критериумите на законитост, сразмерност и недискриминација, а секој полициски службеник треба да подлежи на индивидуална одговорност за своите постапки во текот на вршењето на полициските задачи, рече министерот Спасовски.

Во демократските општества, посочи тој, критиките упатени до полицијата во однос на злоупотреби на овластувањата и прекршување на човековите права во полициска постапка се проверуваат од тела кои спроведуваат внатрешен и надворешен надзор и контрола на работата на полицијата.

- Но, лично се залагам за целосна професионализација на полицијата, за полиција на висина на задачата, што ја сфаќа својата сериозна улога во општеството и сакам да кажам дека сум задоволен дека постојат совесни луѓе вработени во Министерството, кои го поддржуваат овој начин на работа, што изминатите години не беше пракса.  Ако нема свесност за одговорната улога кај секого поединечно дека само со професионален пристап во работата можеме да бидеме од корист на граѓаните и државата, ниту еден контролен механизам нема да биде доволен. Затоа заедно со професионалците во Министерството за внатрешни работи се определивме кон совладување на сите наследени проблеми во функционирањето на МВР, што се одрази дури и до структурите на внатрешната контрола. Не се дозволиви злоупотреби на Министерството и на вработените во кој и да е сектор во полицијата, за разни други цели, спротивни на интересите на граѓаните. Полицијата мора да ги почитува човековите права и ќе ги почитува. Полицијата така мора да функционира, рече Спасовски.     

Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка при делегацијата на ЕУ во РМ, потенцира дека земјава ќе ја добие поддршката кон подобри стандарди и активности во областите за владеење на правото, борбата против корупцијата и криминалот и дискриминацијата, како и заштитата на човековите права.
 
- Во овој проект се работи за еднаквост пред законот, за постапување со лица во тешка ситуација со пристап до човекови права. Тоа значи се поголемо усогласување со стандардите кои се користат во ЕУ, рече Бертолини.
 
Според него, овој проект е огромна можност за полицијата во земјава да изгради доверба со граѓаните. Смета дека треба да се изрази задоволство затоа што се оди чекор понатаму кон еднаквоста пред законот, независност и непристрасност на истрагите, одговорност од лицата кои треба да бидат отчетни пред граѓаните, за да можат луѓето да кажат - и верувам на полицијата.

Тања Ван Дајк, координатор на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција од Советот на Европа, истакна дека во проектот фокусот ќе биде на човековите права во полицијата.

- Целата програма се фокусира на помагање на властите на спроведување на препораките на различните тела за мониторинг на Советот на Европа и притоа да и се помогне на земјата во приближувањето кон членстовото во ЕУ, рече Ван Дајк. 

Првата специфична цел на проектот е да се воведе ефикасна контрола над работата на полицијата преку воспоставување надворешен механизам. Оваа цел, беше истакнато на денешната конференција, ќе се постигне преку воспоставена законска и институционална рамка на независен надворешен механизам за контрола на работата на полицијата и развивање на капацитетите на персоналот на надворешниот механизам за контрола на работата на полицијата за спроведување на независна и ефикасна истрага по претставки против полицијата.

Инаку, овој проект претставува продолжение на претходно релизираните активности во рамки на проектот „Поддршка за воспоставување на надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата”,имплементиран од страна на Советот на Европа со финансиска поддршка од Кралството Холандија, кој во април оваа година заврши со донесување на заклучоци за избор на двостепен модел „Обвинителство плус”, односно воспоставување на специјализирано одделение во рамките на Јавното обвинителство и основање на ново тело за граѓанска ревизија со можност истото да има второстепена функција.