Loading Video...
Свет
29. January 2025 - 12:17

Преглед на вестите од светот

Во неколку градови во Србија синоќа се организираа протести по нападот врз студентите во Нови Сад, претходниот ден во кој неколкумина беа повредени. На студентите во Нови Сад им се приклучиле и граѓаните. Дел од студентите на протестот имале крвави отпечатоци од рацете.  Коментирајќи ги оставките на премиерот Милош Вучевиќ и на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, еден од студентите порача дека тие не се доволни и оти бараат кривична одговорност. 

По големиот протест на студентите на Автокоманда, власта излезе со нови понуди.

Студентите остануваат на својот став, се додека не се исполнат нивните барања, студентите ќе ги продолжат своите активности и блокади. Во кој облик, ќе одлучат на пленумите.

Шефицата на европската дипломатија Каја Калас и Марко Рубио го имаа првиот телефонски разговор по потврдата на новиот американски државен секретар на функцијата. Двајцата се обединија околу мислењето дека е неопходно да се одржи максимален притисок врз Москва.

Првиот разговор меѓу Калас и Рубио се одржа на позадината на повторените закани на американскиот претседател Доналд Трамп во сферата на трговијата и одбраната. Исто така, ја истакнале важноста од зајакнување на соработката меѓу ЕУ и САД во однос на ситуацијата на Блискиот Исток и предизвиците што ги носи Кина.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави за руската државна телевизија дека речиси тригодишниот конфликт во Украина ќе заврши за „два месеца“ или помалку доколку Западот престане да го поддржува Киев. Според него, разговорите со Украина се можни, но не и со нејзиниот претседател Володимир Зеленски, за кого смета дека е „нелегитимен“, бидејќи неговиот претседателски мандат истекол за време на воената состојба.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повеќе хуманитарни проекти се прекинати поради замрзнувањето на странската помош од САД и дека Киев ќе го замени финансирањето каде што е можно. „Можеме да обезбедиме дел од ова финансирање преку нашите јавни финансии“, додаде тој. Притоа тој додаде дека Путин „се плаши“ од преговори за крај на војната во Украина.

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека во Вашингтон ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Трамп не прецизираше кога тоа ќе се случи, но напомена дека средбата ќе се одржи „многу скоро“. Од кабинетот на израелескиот премиер средбата беше потврдена и ќе се одржи во Белата куќа на 4 февруари. Нетанјаху е првиот странски лидер кој е поканет во Белата куќа за време на вториот мандат на претседателот Трамп“, се нагласува во соопштението.

Трамп е цврст поддржувач на Израел.