Loading Video...
Свет
27. January 2025 - 12:19

Преглед на вестите од светот

Студентите ширум Србија протестираат веќе два месеци, а нивниот бунт се шири и кај граѓаните. Тие бараат да се исполнат нивните барања преку секојдневни акции. Државата се обиде на многу начини да го задуши нивниот бунт, но нивниот протест продолжува бидејќи не се исполнети сите нивни барања. Студентите за 27 јануари најавија 24-часовна блокада на сообраќајната клучка Автокоманда, под симболичното име „Под нашата (авто)команда“. Објавен е и точниот распоред на активности, правила за време на блокадата, како и точните делови кои ќе бидат блокирани.

Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Милош Вучевиќ и претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ денеска ќе и се обратат на јавноста, дознава Евроњуз Србија.

Нивното обраќање е закажано за попладне.

Кратки судири меѓу полицијата и демонстрантите избија во неделата по митингот пред парламентот во Атина. Десетици илјади Грци се собраа да побараат правда за железничката несреќа во 2023 година во која загинаа 57 луѓе во најголемата железничка катастрофа во земјата. Несреќата предизвика протести низ Грција и во странство. На 28 февруари 2023 година, товарен воз во централна Грција директно се судри со патнички воз преполн со студенти. Истрагата за несреќата се уште е во тек, што го одложува почетокот на судењето. Досега се обвинети десетици луѓе. Речиси две години подоцна, нема официјален заклучок што ја предизвика таа експлозија и пожар. Владини претставници минатата година изјавија дека судењето се очекува да се одржи во јуни 2024 година, но судската истрага сè уште е во тек.

Владата на Колумбија се согласи со условите на американскиот претседател Доналд Трамп за депортација на мигранти, соопшти Белата куќа. Трамп вчера и се закани на Колумбија со царини и санкции, откако на два американски лета за депортација со мигранти им беше одбиена дозволата да слетаат.

Колумбија сега се согласи со сите услови на Трамп, „вклучувајќи го и неограниченото прифаќање на сите илегални мигранти од Колумбија вратени од Соединетите Држави, вклучително и со американски воени авиони, без ограничување или одложување“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Александар Лукашенко, лидерот кој владее со Белорусија три децении, го освои седмиот мандат на изборите вчера на кои не се соочи со вистинска конкуренција. Државните медиуми објавија дека 70-годишниот Лукашенко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, според излезните анкети освоил 87,6 отсто од гласовите. Официјалното пребројување на гласовите е во тек. Сепак, традиционално, излезните анкети се речиси идентични со подоцнежното објавување на резултатите од изборната комисија.