Македонија
8. October 2015 - 11:04

Орав: Разочарувачки што не е испочитуван рокот за изборното законодавство

Навистина е разочарувачки што обврската што ја преземаа лидерите во однос на крајниот рок од 6 октомври не беше испочитувана, изјави денеска евроамбасадорот Аиво Орав, по синоќешната рунда преговори меѓу партиските работни групи за измените на изборното законодавство.

Ноќеска се очекуваше да биде постигнат договор за Изборниот законик, откако претходно околу 20 часот беше повлечен законот за необјавување прислушувани разговори од страна на пратениците Талат Џафери и Крсто Мукоски. 

Орав пред вчерашното продолжение на разговорите во Клубот на пратениците изјави дека има напредок во преговорите и изрази очекување оти ќе биде постигнат договор.  

Засега нема информации за исходот од последната рунда преговори од партиите вклучени во нив. Преговорите на кои присуствуваа амабасадорите на ЕУ Орав и на САД Џес Бејли, со посредство на белгискиот експерт Питер Ванхауте завршиле рано изутринава.