Македонија
5. July 2024 - 16:37

ЕпсоТех инвестира 20 милиони евра - Ќе бидат вработени 110 луѓе

Епсотех, германска компанија која произведува повеќе од 3.000 производи од рециклирана пластика ќе отвори фабрика во Петровец. Компанијата веќе работи во пет држави во Европа и развива приспособени пластични решенија кои се аплицираат во автомобили, автобуси, возови, авиони, медицински возила.

Првичната инвестиција е 20 милиони евра, а во фабриката ќе бидат вработени 110 луѓе, главно инженери и машинисти.

-Ние сме познати по тоа што користиме рециклирани производи во нашето производство. Не само наши, туку ги користиме и материјалите на нашите клиенти и со тоа користиме материјали и од зелената и од сината економија, односно ги рециклираме материјалите и од земјоделската гранка или од рибарството. Со тоа на материјалите им даваме нов животен циклус, а играме мошне битна улога и во животната средина и во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид.

Од компанијата велат дека нивната пракса е веднаш по отворањето на нова фабрика да бараат нова локација. Премиерот Мицкоски очекува Ексотех по отворањето на фабриката да продолжи да инвестира тука.

-Тука не застанува оваа инвестиција туку ќе продолжи и понатаму да се развива, односно да се зголемува и бројот на вработени и бројот на извоз, но и самата инвестиција која очекуваме најмалку да биде двојно зголемена во годините што следат, вели Мицкоски.

Инвестицијата била договарана од претходната Влада на СДСМ. Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќ вели дека неговиот кабинет, освен со Епсотех, договорил уште 6 други инвестиции кои го чекаат последниот филтер на Комисијата за заштита на конкурентноста.

-Да, да: има разлика! Некој се "кити со туѓи перја" и ја објавува инвестицијата на EPSOTECH како своја (и тоа пред да се финализирани сите процедури), а некој чека(л) додека се изјаснат сите релевантни институции за да се потврди договорот за соработка. Благодарност до ВМРО ДПМНЕ што ги потврдуваат и продолжуваат планираните инвестиции кои мојот (сега веќе поранешен) кабинет професионално и прецизно ги сработил во изминатиот период. Работа а не PR е потребна за нашата татковина да го доживее прогресот што го заслужува, вели Битиќи.

Мицкоски му се заблагодари на Битиќи, но вели дека тој не ја завршил својата работа до крај.

-Жалам што не успеал до крај да ја фасилитира, па да биде успешна тогаш. Но добро, еве дојде друга Влада којашто за две недели направи нешто што тој не успеа 4 години да направи. Па, оваа инвестиција денеска станува реалност. Се надевам дека во август месец ќе можеме заедно да уживаме во нов камен-темелник, нови, за почеток 110 работни места, 10-тици милиони извоз, вели Мицкоски.

Објектите на Епсотех во Австрија и Германија користат 100% зелена енергија во својата работа. Претставникот на компанијата не одговори каква енергија ќе користат тука, но рече дека нивната стратегија е да се користи што е можно повеќе енергија од сонце и ветер.