Македонија
5. July 2024 - 16:39

Советот на обвинители не сака распуштање, Мицкоски вели срамно е да се има доверба од 2%

Распуштање на Советот на јавни обвинители ќе биде штета за целата обвинителска организација. Ова е ставот на првиот човек на телото кое се грижи за состојбите во јавнообвинителската служба по најавите на новата власт за разрешување на судскиот и советот на обвинители. Според Душица Димитриевска, Советот бил позитивно оценет во сите извештаи на меѓународните и домашни институции, па вели дека наместо колективна, потребно е да се бара индивидуална одговорност за членови кои се огрешиле пред законот.. Разрешувањето не го смета за решение.

„Советот ги избира и разрешува обвинителите, има и многу други законски надлежности а во овој момент обвинителството се соочува со голем недостиг на голем број обвинители така што целосно би се нарушила работата на јавното обвинителство. И најважната работа што сакам да ја потенцирам е дека сите имаме заедничка цел , и борба со корупцијата и владеење на правото, меѓутоа при тоа мора да има и правна сигурност“ изјави Душица Димитриевска, Прет на Совет на Јавни обвинители.

Премиерот пак иронично вели дека убава е позицијата на членовите на Судски и советот на јавни обвинители. Земале високи плати, седеле во удобни фотељи а имале доверба од два проценти. Токму и затоа се противеле на предлогот за распуштање.

„Јас би се засрамил. Да имам два проценти доверба веднаш ќе се засрамам и ќе ја напуштам работата која ја работам. Ќе се занимавам со нешто сосема друго. А, тие кои најголем дел од нив таму видовме како се поставени, наместо да се засрамат и самите да речат дајте навистина нешто да направиме, тие продолжуваат и понатаму да ги трошат народните пари тешко заработени со пот заработени, па уште успраќаат пораки во јавноста се закануваат итн. Ако оставиме на ваков тип функционери кои уживаат народни пари, а ништо не прават со доверба од два проценти, нема да одиме за долго, како држава нема да одиме за долго“.

Мицкоски ги повика советите на дијалог ако имаат свој предлог за подобрување на состојбите и враќање на довербата кај граѓаните.

Судскиот совет веќе се спротистави на предлогот за распуштање. Сметаат дека примената на препораките на оценската мисија на ЕУ биле доволни за независен и професионален совет.

Инаку, денеска во работата на советот на обвинители повторно се вклучи Иџет Мемети кој е осомничен дека со врховен судија зеле пари и овозможиле поблага казна за градоначалникот на Ново Село. Оставка поднесе само од местото заменик претседател на советот.