Свет
24. April 2017 - 13:26

Лавров: Русија планира целосно обновување на соработката со ЕУ

Русија планира целосно да ја обнови соработката со Европската Унија, најголемиот трговско-економски партнер на федерацијата, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на средбата со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, пренесе ТАСС.

- Повеќепати ја изразувавме принципиелната подготвеност за нормализирање на односите, со темпо што ќе биде прифатливо за ЕУ, кажа Лавров.

Москва ја повикува ЕУ да се фокусира врз заедничките реални закани, а не врз измислените безбедносни ризици, додаде Лавров.

Тој и заблагодари на надворешнополитичката служба на ЕУ за изразите на сочуство, што беа упатени по повод неодамнешниот терористички напад во Санкт Петербург.

- ЕУ има интерес да соработува со Русија во борбата со тероризмот, каде двете страни имаат за решавање заеднички задачи, а, исто така, и да ја решат ситуацијата во Сирија и во Либија, изјави Могерини.

Таа забележа дека ЕУ е заинтересирана и за „положбата со Полуостровот Крим“.

- Имаме за разгледување широк круг од прашања, посочи првата европска дипломатка.