Колку се изводливи заканите на Трамп за царини и даноци за трговските партнери?
Нови царини и даноци за трговските партнери. Колку се изводливи овие закани на новиот американски претседател Доналд Трамп кој на овој начин сака да го зголеми стандардот на просечниот Американец?
Политикологот Иво Рангеловиќ во Тема на Денот вели дека тоа единствено може да има обратен ефект врз куповната моќ на американските државјани и дека трговските војни не се долгорочно решение за САД.
Рангеловиќ смета дека доколку Трамп отвори фронт со Европа во некаква трговска војна тоа може само да ја охрабри Европа да гради односи со Русија и Кина. На таква линија е и претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен. Таа во Давос рече дека светот влегува во нова ера на геостратешка конкуренција и Европа на тоа може да одговори само со градење добри односи.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја бранеше слободната трговија како основа на просперитет. Сепак, вели дека САД се најблискиот сојузник на Германија надвор од Европа и дека Берлин ќе се обиде така и да остане.
Дури и Кина се обврза на слободна трговија. Вицепремиерот Динг вели, нема победници во една трговска војна.
Во инаугуративното обраќање, Трамп вети дека ќе воведе царини за производи од други земји, а подоцна рече дека може да воведе царини од 25 отсто за Канада и Мексико веќе од 1 февруари.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар