Свет
21. January 2024 - 13:48

Двајца загинати и четворица повредени во пожар во станбена зграда во Јоханесбург

Во пожар во станбена зграда во Јоханесбург две лица загинаа, а четворица се повредени, соопштија градските власти.

Пожарникарите се уште го гаснат пожарот кој утринава ја зафати двокатницата, се наведува во соопштението на Службата за итни случаи во Јоханесбург.

Не е познато колку луѓе се уште има во зградата, изјави портпаролот на градските служби за итни случаи за ТВ каналот eNCA, пренесуваат британските медиуми.

По гаснењето на пожарот ќе се спроведе истрага за причините за пожарот.

Повеќе од 70 луѓе загинаа во август минатата година во пожар што зафати петкатница во Јоханесбург, но одговорноста за пожарот се уште не е утврдена.

Британските медиуми наведуваат дека сиромаштијата, пожарите во домаќинствата и бездомништвото се широко распространети во јужноафриканскиот град Јоханесбург.