Македонија
19. January 2025 - 17:09

Богојавление Водици во Скопје

17-годишниот Теодор Јовевски го фати светиот крст во водите на Вардар во Скопје. Тој најбрзо исплива меѓу 220-те пријавени кои скокнаа од кејот. Доби подароци и желби за добро здравје и многу успеси.

Чествувањето почна од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ каде со божествената литургија чиноначалствуваше владиката Јосиф.

„Ако после Велигден и Божиќ, масовно се прославува некој празник, тоа за нас Македонците е токму денешниот празник Богојавление. Денешното празнување не е само спомен на Богојавлението, туку е и повик до секого еден од нас, не само да веруваме и да го исповедаме Троичниот Бог, туку да направиме место за него во нашите срца“ - изјави Митрополитот тетовско-гостиварски г.Јосиф.

Потоа, со црковна поворка крстот беше донесен до мостот „Слобода“.

Да се плива во надојдениот Вардар не беше лесно, но се чини уште потешко беше чекањето пред студените води на минус 1 степен, па најголем дел од скокачите влегоа пред да биде спуштен крстот.

На манифестацијата дојдоа илјадници граѓани, како од Скопје, така и од другите градови. Присутно беше и засилено полициско обезбедување.