Македонија
10. September 2020 - 8:49

ЗНМ и ССНМ: Осуда за нападот на новинарската екипа на Ал Џaзира во центарот на Скопје

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) преку соопштение го осудуваат нападот кон новинарската екипа на Ал Џaзира и бараат од Министерството за внатрешни работи (МВР) да го санкционира напаѓачот за кој има и јавно достапна снимка од настанот.

Во соопштението од ЗНМ и ССНМ се наведува дека на протестот кој вчера во центарот на Скопје го организираше политичката партија ВМРО -ДПМНЕ, од страна на непознато лице, новинарката Милка Смилевска и снимателот Јорде Ангеловиќ од медиумот Ал Џaзира биле нападните и попречени во вршење на своите професионални новинарски задачи.

-Според видеата и изјавите на новинарката во врска со инцидентот, откако прашалo од кој медиум непознатотo лице имало физички контакт со нив по што го турнало микрофонот на новинарката. Новинарската Смилевска на лице место го пријавила инцидентот на службеник од МВР по што, за сега непознатото лице, било тргнато на страна, а од службеникот било укажано дека соодветна прекршочна пријава ќе биде поднесена кон напаѓачот, наведуваатод ЗНМ и ССНМ.

Оттаму порачуваат дека таквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на МВР затоа што, потенцираат, насилството кон новинарите не е дозволиво во демократски земји.

-Доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните, укажуваат Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.