Македонија
8. September 2024 - 16:31

Мицкоски: Пред 33 години битката беше да се исправиме на нозе, денес за големи чекори

Пред 33 години битката беше како да исправиме на нозе, денеска битката е да направиме големи чекори напред. Премиерот Христијан Мицкоски со план од 10 точки на Свечената академија по повод Денот на независноста - 8 Септември „Заедно се бориме, заедно ќе успееме“. Тој побара обединување во борбара за правда и поравна држава, ослободување од партизацијата, да се тргнат етничките прашања, да се подобри стандардот на граѓаните, да изградиме праведно општество, да се подобри образованието, да се спречи иселувањето...За стратешката цел – чеченство во ЕУ премиерот вели „спремен сум да разговарам за секое прашање, но не сум спремен за секоја отстапка по секоја цена.“

 „Цврсто сум убеден дека човекот кој тогаш гласаше на референдумот тој 8 септември 91ва година, тогаш не ја замислуваше Македонија каква ја имаме денес 33 години подоцна. Но дали после децениски разочарувања битката треба да престане? Одговорот е никако…. Патриотизмот е ист, но целите и работите кои мораме да ги победиме се различни. Како нација имаме две големи цели. Првата мораме да го победиме разочарувањето кај секој еден човек кој е напластено од сите претходни порази и неуспеси. Втората е уште поголема цел, а тоа е да го сузбиеме криминалот и корупцијата метастазирана во сите делови од општеството.

Во духот на обединувањето Мицкоски со порака и од опозицијата –да созрее и да се реформира наместо да е приврзок и параван на криминални политичари кои ја доведоа државата до ова дереџе.

Ве повикувам да престанете со деструктивните игри кои ја ставаат државата во опасност. Дојде време да завртите нова страница во која опозицијата нема да биде повеќе фактор на нестабилност, туку активен учесник во градењето на нашата заедничка иднина.

Силна опозиција е од суштинско значење за секоја демократска држава и јас се надевам дека процесот на консолидација на СДСМ по катастрофалниот пораз ќе заврши брзо и дека ќе дојде едно ново време на демократско, но патриотско опозициско делување.

Слични пораки и во честитката од претседателката Сиљановска Давкова. По 33 години од рефрендумот, таа вели дека етузијазмот и надежта се засенети од надворешни притисоци и непринципелни блокади, но и внатрешни поделби и политички кризи.

 „Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите. Наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес“, вели претседателката во честитката.

Решението го гледа во европеизацијата и владеењето на правото.

 „Само со европеизација на државата, со владеење на правото и со борба против корупцијата, со функционални институции и со компетитивна економија и систем на заслуги ќе им овозможиме на младите генерации, правото на потрага по среќа да го остварат дома, во заедничката татковина, во која ќе работат, ќе основаат семејства и ќе создаваат иднина“.

Освен пригодната програма во Македонската филхармонија со националниот џез оркестар, 8 Септември беше одбележан и со собраниска делегација која положи цвеќе пред вечните почивалишта на првиот претседател Киро Глигоров и на загинатиот Борис Трајковски, како и на првиот премиер Никола Кљусев.