Македонија
31. December 2024 - 20:11

Затворски казни, оставки и разрешувања за лица од правосудството во 2024 година

Апсења, разрешувања, оставки. Лица од Правосудниот систем кои треба да делат правда се соочија со законот. За мито од 10 илјади евра, врховен судија доби три години затвор. Соучесник му бил член на Советот на јавни обвинители, заработи условна казна и го напушти телото кое ја следи работата на обвинителите. Во јавноста тврдеше дека е невин.

„Ги знам сите. И обвинители и судии и се дружам, разговараме, пиеме кафе“, изјави Иџет Мемети.

На чело на Државното обвинителство дојде Љупчо Коцевски. Вети борба со криминалот и корупцијата. Пониското обвинителство го обвини за притисоци. Вишиот јавен обвинител Хајрулахи пак заработи кривична пријава за мобинг и суспензија.

„Целиот притисок што се врши врз мене и врз институцијата Виш Јавен обвинител за две работи. Основната работа е за бонусите на предметот за поранешните обвинители од СЈО и за изнесените информации од страна на ќерката на обвинителот“, рече Мустафа Хајрулахи, Виш Јавен обвинител.

Во ек на изборна кампања, кандидат за претседател се посомнева дека Академијата за судии и јавни обвинители го крши изборниот законик. Ставовите ги соочија пред антикорупциската, а случајот разврска доби пред Управниот суд. Прекинат беше процесот на вработување кандидати. Директорката на Академијата даде оставка.

„Во прашање е сериозен јавен интерес кој ќе има долгорочни последици врз капацитетот на работењето на судовите и обвинителствата“, изјави Наташа Габер Дамјановска.

Оставка напиша и претседателката на Судски совет. Таму влезе и полицијата, се сомневала дека се фалсификуваат документи.

„Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, од собраниска говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет со кој јас раководам има некакви кланови и се фалсификуваат записници“, изјави Весна Дамева, Поранешен претседател на Судски совет.

Порака за состојбите во правосудството пристигна од американските власти. На Црната листа додадоа апелационен судија. Во соработка со поранешен вицепремиер, влијаеле врз судски предмет. Груби побегна, Беџети зел годишен одмор.

„Што ќе се случува понатаму е до законодавството  и судството во земјава. Но, можам да кажам дека ако ние можевме да најдеме докази, можат и тие“, изјави Анџела Агелер, Амбасадор на САД.

А дали се истражува корупција кај други функционери, шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кус одговор. Посака здравје.

„За високи функционери, ништо немаше. Само криумчарење мигранти. – Е, ако де, тоа е сега. Здравје“, изјави Ислам Абази, Јавен обвинител.

А во судот каде се водат предмети за организиран криминал и корупција, најчести гости беа обвинетите за убиството на Вања и Панче. Слушаат сведоци и гледаат докази обезбедени од обвинителството.

Во меѓувреме, во кривичниот суд треба да влезат предметите за Државна лотарија, Адитив и ТИРЗ. Дел од осомничените се бараат со меѓународна потерница.