Македонија
3. January 2025 - 16:51

Извлечено четвртото тело од Вардар, наредена обдукција

Полицијата со дронови  пребарува по течението на Вардар, нуркачи во коритото влегуваат при секој сомнеж кој укажува на телото на 59г маж кој бил во автомобилот. Потрагата по патникот се уште трае. Теренот е тежок, реката е брза а водите се многу надојдени. Отежителна околност е отпадот во и околу реката. Спасувачите пребаруваат со двогледи, влегуваа во реката, се спуштаа со јажина при секој сигнал кој им укажуваше дека е можно да води кон телото на патникот.

Автомобилот беше извлечен доцна во ноќта а во него беа телата на  трите жени на возраст од 23, 25 и 59г. Аудито во кое се превезувале се тркалало од патот од височина на околу 30 метри по што завршило во реката. Во возилото било и 5 годишно детенце, кое се спасило бидејќи излетало при пад на автомобилот. Ја преживеало несреќата бидејќи се задржало на гранките во провалијата. Детето го пронашле случајни минувачи. Лекарите велат дека било измрзнато, со полесни повреди но е надвор од животна опасност. 

Обвинителството направи увид, земен е исказ од очевидци на несреќата. Телата на загинатите се предадени на обдукција.

- И покрај исклучително тешките услови на непристапен терен, беа преземени сите дејствија за обезбедување траги и докази со цел да се утврдат причините за несреќата. Обвинителството ќе издаде наредба и за вештачење на автомобилот, а се разговара и со очевидци на настанот и блиски на семејството со цел да се испитаат сите околности.

Возилото се движело од Сарај кон Рашче по што од непознати причини излетало од патот кој е на висина од околу 30 метри.