Усвоени регулативите за ревизија на повеќегодишниот Буџет на ЕУ
Советот на ЕУ синоќа усвои три регулативи поврзани со ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на Унијата за периодот 2021-2027 година, вклучително и за финансиската поддршка на Украина и за Планот за раст на Западниот Балкан.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел пакетот законски акти ги опфаќа регулативите за измена на Повеќегодишната финансиска рамка, за воспоставување на Украинскиот механизам и за создавање на Платформа за стратешки технологии на Европа (СТЕП).
Според Европскиот совет, со овие три регулативи ќе биде зајакнат долгорочниот Буџет на ЕУ во насока на справување со новите предизвици и со последиците од руската агресија врз Украина.
Со овие регулативи всушност се воспоставува законска рамка на договорот за ревизија на Буџетот на блокот, постигнат од страна на шефовите на држави или влади на членките на Унијата на вонредниот Самит на ЕУ во Брисел одржан на 1 февруари.
Со првата Регулатива за Буџетот на ЕУ се одвојуваат дополнителни 64,6 милијарди евра, од кои 50 милијарди евра наменети за финансиска поддршка за Украина, 7,6 милијарди евра за помош на европското соседство и останатите делови во светот, вклучително и за Планот за раст на Западниот Балкан, два милијарди евра за справување со миграцијата и контролата на границите и по 1,5 милијарди евра за Европскиот одбранбен фонд и за надминување на последиците од елементарни непогоди или хуманитарни кризи, а уште два милијарди евра се одвоени во Инструментот за флексибилност, односно тоа се средства за финансирање на активности кои не можат да се покријат од други извори во Буџетот без да се надмине лимитот на расходи.
Од вкупната сума од 50 милијарди евра за Украина, предвидено е 33 милијарди да бидат исплатени во форма на позајмици, а 17 милијарди евра како неповратни грантови.
Со цел дополнителните средства од ребалансот на Буџетот да не паднат целосно на трошок на земјите членки, 10,6 милијарди од вкупно 64,6-те милијарди евра се обезбедени со прераспределба од постојните буџетски ставки.
Регулативата за воспоставување на Украинскиот механизам превидува создавање на нов посебен инструмент за поддршка на обновата, реконструкцијата и модернизацијата на Украина и на нејзините напори за спроведување реформи за исполнување на условите за членство на земјата во ЕУ.
На тој начин ќе се овозможи вкупната буџетската поддршка на ЕУ за Украина да се врши преку единствен инструмент, кој ќе обезбеди кохерентна, предвидлива и флексибилна поддршка за земјата за периодот од 2024 до 2027 година.
Регулативата за Платформа за стратешки технологии на Европа (СТЕП) има за цел создавање инструмент за мобилизација на инвестиции во областите на дигиталната, зелената и биотехнологијата, со цел зајакнување на суверенитетот на ЕУ и обезбедување долгорочна конкурентност на овие критични технологии.
Преку оваа Платформа ќе се обезбедат финансиски стимулации и мерки за реализација на проектите за поддршка на критичните технологии во рамките на постоечките програми и фондови на ЕУ, како фондовите за кохезивна политика, за одбрана и за иновации, Механизмот за зајакнување и отпорност и програмите „Инвест ЕУ“ и „Хоризонт Европа“.
Во текот на следните денови трите регулативи ќе бидат објавени во Службениот весник на ЕУ и ќе стапат во сила на денот на објавување, но ќе се применуваат ретроактивно од 1 јануари 2024 година.
Ново на Сител
-
Сиљановска-Давкова: Молкот го отвори патот за злото – мора да учиме од историјата
-
Медиуми: Српскиот премиер Вучевиќ ќе поднесе оставка
-
МЖСПП: Засилени контроли на возила за намалување на аерозагадувањето
-
Ракометниот натпревар за жени меѓу Македонија и Полска ќе се игра во Битола
-
Брод на италијанската морнарица пристигна во Албанија со 49 мигранти
-
ДЗР: Наплатените придонеси од плата на Фондот на ПИО и во 2023 година не биле доволни за покривање на дефицитот од 33 отсто за исплата на пензии
-
Престрелка на границата САД - Мексико
-
Приведен гостиварец, агресивно се однесувал кон сопругата и малолетната ќерка