Македонија
5. February 2025 - 19:43

Уставен суд го поништи солидарниот данок, државата ќе враќа 49 милиони евра

Државата ќе треба да им врати 49 милиони евра на фирмите кои платија солидарен данок. Уставниот суд го поништи законот, затоа што бил ретрокативен, селективен, има елементи на повреда на владеење на правото и погрешно е толкувана европската директива на која се повикува во законот. Сега секоја од 156-те компании, кои го платија данокот крајот на 2023-та,  има право да бара од дражавата да и ги врати парите. Законски, им следува и камата.

- Секој субјект има право да бара да се поништи решението и да му се вратат парите во рок од 5 години од објавување на одлуката во Службен весник, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.

Постоеше можност Уставен да го укине законот, што би значело веќе никогаш државата да не носи, ниту да применува ваков закон. Во тој случај државата немаше да ги враќа парите. 

- Но во тој случај каква порака би им пратиле на потенцијалните инвеститори? Значи овде владее правна несигурност. Субјектите мора да имаат правна предвидливост и сигурност, додава Костадиновски

Законот за солидарен данок владата до усвои во јули, а Собранието го донесе во септември 2023 та година, по скратена постапка, со европско знаменце. Фирмите кои остварија приход над 10 милиони евра и имаа поголема добивка за 20 отсто од 4 годишниот просек, го платија данокот. Овие пари беа наменети за антикризни мерки. Но, Стопанскитата Комора во октомври 2023-та поднесоа иницијатива за уставноста на овој закон.