Проширена истрагата и за родителите на Васил – судиите од Кривичен застанаа зад својата колешка
Јавното обвинителство ја прошири истрагата и ќе испитува дали и родителите на 20-годишниот Васил Јованов имаат вина откако ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова на Партизанска.
За обвинителството е спорно што возилото кое го управувал е во сопственост на неговиот татко, а тој немал положено за возачка дозвола.
- Во таа насока се дадени соодветни наредби до МВР, конкретно секторот за внатрешни работи Скопје да ја испитаат целокупната генеза на тоа возило и на давањето на тоа возило на обвинетиот. Значи, во однос на тоа му даваме третман на општо опасно средство затоа што и преземање на општо опасно дејствие затоа што сметаме дека обвинетиот е лице кое нема положено. Управува такво возило, и тука бараме да видиме дали можеме да утврдиме умислена одговорност и на страна на родителите.
Под дејство на алкохол, со брзина многу поголема од дозволената и на црвено удрил во 22-годишната Фросина. Засега не е позната точната брзина со која тој го управувал возилото.
Во моментот се врши вештачење на камерите од „Сејф сити“, но и од околните објекти. Вештакот преку нив ќе треба да утврди колкава била точната брзина и дали воопшто се обидел да ја намали брзината.
Во меѓувреме, Судски совет почнал ја проверува претходната судска одлука за случајот против Васил за продлажба на дрога.
- Започнавме, разгледуваме, а утре и формално ќе биде формирана Комисија од страна на Судскиот совет и извршениот увид во сите тие списи ќе кажеме со став, дали имало дали имало пропуст или немало пропуст.
„Што се е предмет на процедурата?“
- Општо се што имаше во јавноста како забелешка излезено, по сето тоа ќе се постапува, вели првиот човек на Судски Совет, Александар Камбовски.
Во меѓувреме, дел од судиите во Кривичниот суд Скопје изразија длабоко жалење за смртта на Фросина, застанаа зад својата колешка, судијката Даниела Алексовска-Стојановска. Велат дека таа се водела исклучиво согласно законските одредби, слободното судиско убедување и воспоставената судска пракса, како и наводите на Јавниот обвинител.
Велат дека била донесена најдобра санкција во согласност со Кривичниот законик со која му се влијае на обвинетиот да сфати дека преземал противправни дејствија.
- Прашање е дали доколку била изречена и казна затвор, мерката притвор ќе можела да опстои пред повисоките судски инстанци имајќи ја предвид досегашната судска пракса, препораките од Судот за човекови права во Стразбур и постојани критики на Меѓународната заедница дека мерката притвор не смее да се користи како казна. Дотолку повеќе што и при укинување на мерката притвор, Јавниот обвинител не вложил жалба на притворот туку вложил само на кривичната санкција, велат дел од судиите од Кривичниот суд.
За в сабота најавен е нов протестен марш под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“ и ќе се одржи во Неготино, од кадешто е Фросина. Организаторите на протестот апелираат и до сите угостителски објекти, во чест на Фросина, овој викенд да се воздржат од ангажирање бендови и гласна музика.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар