Полиција влезе во МВР – сомнеж во јавните набавки за сервис на полициските возила
Полиција влезе во Министерството за внатрешни работи поради сомнение за криминал во јавните набавки за сервисирање на полициските возила направени изминативе години.
Акцијата почнала рано утрово токму во седиштетото на министерството од полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за крим полиција и Одделот за внатрешна контрола.
„По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, Министерството за внатрешни работи презема дејствија во предистражна постапка во предмет за злоупотреба и договарање помеѓу економски оператори и вработени во Одделот на МВР за општи и заеднички работи околу спроведена јавна набавка во полицијата. До овој момент, извршени се претреси на 16 локации врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка, а по барање на јавниот обвинител“, потврдуваат од Обвинителството.
Неофицијалните информации од Бирото за јавна безбедност е дека биле правени претреси во канцеларии на актуелни и поранешни началници и вработени во полиција, но истовремено биле правени претреси и во автосервиси и фирми, кои со години наназад ги одржувале полициските возила. Сомнежот е дека се правеле злоупотреби при сервисирањето – проверката покажала дека службените возила останувале неисправни со месеци, а потоа, иако формално биле враќани како поправени, повторно завршувале на сервис.
Дополнително, истрагата дошла до информации дека сервисерите, во соработка со вработени од МВР, се договарале како да добијат нови тендери во милионски вредности. Поради ваквите проверки бил спречен обид за потпишување на нов штетен договор, откриваат извори од истрагата.
Пред една недела, исто така поврзано со набавките за сервисирање на полициските возила во текот на 2018, Управата за финансиска полиција беа поднесени две кривични пријави и тоа против тогашниот помошник министер во МВР за општи и заеднички работи и за раководителката на Секторот за набавки. Според пријавата, тие наместо да распишат јавен оглас за набавка од отворен тип, испратиле покана за учество во набавката само до одредени економски оператори. На тој начин, според соопштението на Финансиска полиција, овозможиле избраните фирми од нив да прибават 770 илјади евра народни пари.
Нема информации дали денешната акција на МВР во своите редови е поврзана со овој случај, или пак, се работи за нов предмет.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар