Столтенберг и Аселборн денеска во Скопје
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг синоќа допатува во дводневна посета на Скопје. Во пресрет на референдумот закажан за 30 септември денеска во Македонија на средби со државниот врв е и министерот за надворешни работи на Големото Војводство на Луксембург, Жан Аселборн.
Генералниот секретар на НАТО денеска ќе има средби со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Собранието Талат Џафери, а првиот човек на НАТО треба да има средба и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со други високи официјални претставници. Столтенберг во Собранието ќе има средба и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
По средбата на премиерот Заев и Столтенберг најавена е прес-конференција.
Покрај останатите активности и средби, генералниот секретар ќе го посети и Стајковци каде што во 2016 година војници и опрема на НАТО беа ангажирани за надминување на последиците од поплавата. Столтенберг ќе ја посети и касарната Илинден каде што ќе присуствува на показна вежба на припадниците на специјалните сили.
Во касарната Илинден предвидени се изјави за медиумите од Столтенебрег и Шекеринска.
Министерот за надворешни работи на Големото Војводство на Луксембург, Жан Аселборн, пак, ќе има средби со неговиот домаќин македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, со премиерот Зоран Заев и со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Развојот на севкупната билатерална соработка меѓу двете земји, надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, како и актуелните внатрешни состојби со акцент на подготвителните активности за референдумот, ќе бидат тема на средбата меѓу Димитров и Аселборн, како и на пленарните разговори меѓу делегациите на двете земји, информираат од МНР.
Двајцата министри предвидено е да потпишат Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Големото Војводство на Луксембург за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во пресрет на референдумот, во Скопје неделава доаѓаат и канцеларите на Германија и на Австрија, Ангела Меркел и Себастијан Курц.
Ново на Сител
-
Коцевски не знае каде избегал Груби, но „кртот“ за акцијата не бил обвинителство
-
Шверцувале скапи автомобили од ЕУ и ги продавале во земјата - Кривична постапка против 10 лица за кримучарење возила
-
Одземен му е пасошот на поранешниот директор на ТИРЗ, тој не се чувствува виновен
-
Засилени безбедносни мерки во Охрид
-
Празнична сезона во Крушево
-
Хуманитарна акција во Берово
-
Плата за живот
-
179 загинати и двајца преживеани во авионска несреќа во Јужна Кореја