179 загинати и двајца преживеани во авионска несреќа во Јужна Кореја
Патнички авион со 181 лице експлодира при слетување на аеродром во јужнокорејската област Муан. Според последните информации загинале 179 лица, а двајца членови на екипажот кои биле во задниот дел на авионот се спасени. Несреќата се случила околу 9 часот по локално време кога авионот на Јеџу ер со 175 патници и шест членови на екипажот враќајќи се од Бангкок излетал од пистата и удри во бетонски ѕид, па се запали. Сите патници биле Корејци, освен двајца тајландски државјани. 82 биле мажи, а 93 жени, на возраст од три до 78 години.
Иако не се познати причините за несреќата, тамошните власти велат дека контролната кула на аеродромот издала предупредување за можен судир со јато птици во 8:54 часот, а пилотот пријавил вонредна состојба четири минути подоцна. Без да ја распореди опремата за слетување во 9.03 минути, пилотот го приземјил авионот, по што се случила катастрофата.
Еден од двајцата преживеани членови на екипажот, 33 годишен стјуард, на лекарите им рекол дека се сеќава само дека кога се разбудил, веќе бил спасен.
На местото на несреќата пристигнал и извршниот директор на авиокомпанијата. Во телевизиско обраќање, се извини за трагедијата, длабоко поклонувајќи се пред нацијата и рече дека ја презема целата одговорност.
„Изразувам најдлабоко извинување до сите жртви и нивните семејства. Jeju Air формираше тим посветен на поддршка на семејствата. Во моментов не можеме да ја утврдиме точната причина за инцидентот, но мора да ги чекаме резултатите од владината истрага.“
Службите веке ја извадиле црната кутија од пилотската кабина, која треба да даде одговор што се случувало пред несреќата. Ова е најсмртоносната авионска несреќа досега на јужнокорејско тло и трета најфатална според бројот на загинати во која учествувала јужнокорејска авиокомпанија. И додека Јужна Кореја ги броеше жртвите од авионската несреќа светските медиуми пренесоа вест дека и во Норвешка, Боинг 737 на KLM принудно слета веднаш по полетувањето од Осло и излета од пистата поради проблем со хидрауличниот систем, но нема жртви.
Во Канада авион се запали откако удри со крилото на пистата. За среќа, патниците и екипажот биле навреме евакуирани.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар