Фудбал
13. October 2015 - 15:25

СП во Русија, следен предизвик за македонскиот фудбал

Македонската фудбалска репрезентација ги заврши квалификациите за ЕП во Франција на последното место во групата и покрај освоениот бод  во Белорусија.  И натаму селекторот Друловиќ е оптимист дека има потенцијал да се создаде конкурентен тим за наредните квалификациски циклуси. 
Македонија ја прекина серијата на порази  но повторно не успеа да запише погодок (0-0) , уште од гостувањето во Словачка иако беа креирани неколку прилики а погодивме и дирек. Селекторот Друловиќ изрази задоволство од играта во вториот дел . 
Македонија за жал заокружи  уште едни слаби квалификации иако за првпат и третото место обезбедуваше пласман во баражот за ЕП.  На потег е ФФМ која во  наредните денови сигурно ќе направи  и анализа на сработеното. На прес конференцијата во Борисов, српскиот стратег најави дека ќе ја продолжи својата мисија и  дека може да подготви конкурентен тим за наредните две до три години. 
Следниот квалификациски циклус е за Светското фудбалско првенство во Русија каде тешко ќе се обезбеди пласман бидејќи патуваат само првите селекции од групата а најдобрите второпласирани ќе играат бараж.  Главната цел на нашата фудбалска репрезентација во наредниот период би требало да биде подобрување на рејтингот во ФИФА каде во моментот сме дури 132-ри. 

Во меѓувреме најавени се неколку контролни средби.