Тошковски: Безбедносната состојба е стабилна
Со помош на странските партнери, безбедносните служби одговараат на заканите кои доаѓаат од екстремистички групи. По апсењето на членови на терористичка келија во Скопје, Гостивар и Струга, министерот за внатрешни работи во изјава за Сител уверува дека безбедносната состојба во државата е стабилна.
- Будно ги следиме сите активности кои се поврзани со овој тип на безбедносен предизвик. Мислам дека максимално соодветно реагираме на истите. Ценам дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна и мислам дека полека ги градиме сите оние капацитети коишто треба соодветно да одговорат и соодветно одговараме на сето она коешто го имаме како предизвик, вели министерот Тошковски.
Како што веќе објавивме, дел од припадниците на келијата се повратници од боиштата во Сирија каде биле дел од терористичката оранизација Исламска Држава. Во државата вратени се повеќе од 70 учесници во војната во Сирија.
Но главен проблем е што државата освен затворски казни, нема друг механизам како да ги ресоцијализира екстремистите. Тошковски вели, државата мора да размислува на превенција.
- Како МВР заедно со сите останати безбедносни институции треба да одговараме на предизвиците како што одговаравме во изминатиот период. А секако дека државата со сите свои капацитети треба да размислува на колку што е можно попревентивно делување особено на ваков тип на предизвици коишто ги имаме пред нас и сметам дека во иднина ова е сериозно прашање на коешто треба да се размислува и ќе треба да се даде соодветен одговор.
Келијата чии осум членови се приведени е втора во само неколку години која е фатена од безбедносните служби и тоа во напредна фаза на планирање терористички напад врз цивили во Македонија. Во последниот бран апсења во четвртокот уапсен е и индоктриниран Македонец кој бил дел од екстремистите. Групата е фатена благодарение на странска разунавачка служба. Полицијата ги пробила каналите на Телеграм каде екстремистите споделувале пропагандни материјали од ИСИС, договарале купување на оружје, но ги користеле и за регрутирање на нови членови.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар