Македонија
7. July 2016 - 11:59

Советување за „Кривично правните аспекти на корупцијата/Споредбена пракса на ЕСЧП“

Судии од  кривичните оддели и јавни обвинители од сите апелациски подрачја, адвокати, претставници од Државната комисија за спречување на корупција и Министерството за правда на Република Македонија, денеска и утре ќе учествуваат на советување за „Кривично правните аспекти на корупцијата/Споредбена пракса на ЕСЧП“.

Цел на советувањето е да се претстават сите кривично-правни аспекти на корупцијата преку презентирање на  споредбена пракса на Европскиот суд за човекови права и Хрватска, како и презентирање на  случаи од практиката во постапките за кривични дела на корупцијата.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска пред учесниците на работилницата ја презентираше праксата на Европскиот суд за човекови права во однос на Македонија од аспект на тоа какви се домашните гледања во однос на стандардите и принципите на ЕСЧП.

- Во однос на Република Македонија заклучно со овој период досега се донесени вкупно 129 пресуди. Согласно анализата на македонските случаи, 70 отсто се однесуваат за членот 6 или 55 отсто од македонските случаи се однесуваат на прекумерна должина на постапката, а последните неколку години почнаа да доаѓаат случаите за повреда на другите членови на Европската конвенција за човекови права, рече таа.

Во однос на членот 6, како што посочи, пропустите се состојат во предолгото траење на постапката поради честото одлагање на рочиштата поради неможноста за обезбедување на обвинетиот или сведоците, неуредна достава, долго траење на процесот на вештачењето или одбивање на предлозите за дополнително вештачење кое Европскиот судот го карактеризира како дисбалнс на еднаквост на оружјето.

Арнаудовска додаде дека другите повреди на членот 6 се однесуваат на користење на незаконско прибавени докази, искази добиени од заштитен или анонимен сведок, а повредите на еднаквоста на оружјето главно се во врска со недоставување на поднесоците на спротивната странка или неповикување на рочиштето  за определено процесно дејствие...

Говорејќи за минималните права поврзани со право на преведувач, Арнаудовска посочи една постапка која траела неразумно долго дури осум години поради неможноста на државата да обезбеди преведувач на обвинетиот, кој бил Евреин и барал преведувач на старохебрејски иако сите знаеле дека како бизнисмен во Србија се служел со српски јазик.

- Запознавањето, учењето и примената на стандардите и принципите во праксата на ЕСЧП е процес кој не е воопшто лесен и во кој и самите тие стандарди постојано се менуваат, рече Арнаудовска додавајќи дека треба да се навикнеме не само на стандардите, туку и на терминологијата која ја употребува Судот.

Факт е, посочи Арнаудовска, дека понекогаш и колку да не се согласуваме со одделни одлуки на ЕСЧП и ни изгледаат неправедни треба да ги почитуваме принципите, бидејќи државата има обврска да ги изврши овие пресуди, но истовремено доведоа до зачително подобрување на кривичното процесно законодавство, особено со новиот ЗКП.

Судијата во Врховен суд на  Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО), Марин Мрчела во врска со примената на новиот Закон за кривична постапка рече дека полесно ќе го применуваат студентите кои сега студираат, бидејќи нема да знаат за стариот ЗКП. - Не е проблемот да се научи новото, туку да се заборави старото, додаде тој.

Говорејќи за проблемот во врска со судењето во разумен рок, посочи дека во Хрватска тоа се решева во домашното судство, поради што имаат малку предмети во Европскиот суд.

Во Хрватска, како што нагласи, Европската конвенција е во правна сила над законите.

На советувањето излагање имаше и адвокатката од Хрватска, Лаура Валковиќ, која меѓу другото се осврна на тема „Обемот и опсегот на минимлните права на одбраната, стандардите и практиката на ЕСЧП“.

Дводневното советување е организирано од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка со ИПА Проектот „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативните мерки“.