Македонија
6. July 2024 - 16:29

Спектакуларно отворање на 50-то издание на фестивалот на народни песни ,,Пеце Атанасовски‘‘ во Прилеп

На спектакуларен начин со дефиле на 30-тина гајдаџии од цела Македонија низ центарот на Прилеп се отвори 50-тото по ред јубилејно издание на фестивалот за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“.

Учесниците велат дека ова е една значајна традиција во Македонија чијја мисија е зачувување на народнито фолклор и која треба многу повеќе да се афирмира и да се поддржува од институциите.

„Чувството е пред се прекрасно и тоа што ја негуваме нашата македонска традиција и најубавиот инструмент гајдата“, вели Ване Крстев, Ново село, Струмица.

„Се враќа во мода полека тоа изворното, старото, нашето автохтоното што мора да го зачуваме и негуваме затоа што културата е основното нешто за да опстане една нација“, вели Трајче Малинов, ученик од Велес.

„Фестивалот е преубаво нешто за љубителите на изворните инструменти, на фолклорот, на музиката“, додаде Дејан Лазаров, учесник на Фестивалот од Оризари

„Кај нас во Оризари има многу мали членови и гајдаџии. Дури сега носиме едно дете кое има само 4 години и ќе свири на Фестивалот денес и утре“, кажа Никола Стојов, учесник на Фестивалот од Оризари.

„Фестивалот за народот е многу убаво нешто, да се дружат помеѓу себе, инаку ако не е гајдата нема да се дружиме“, рече Здравко Андонов, ученик од Радовиш.

На Фестивалот учествуваат околу 300 учесници, а поради големата заинтересираност селекцијата се вршела неколку месеци. Фестивалот за овие 50 години постоење ја исполни во целост својата мисија и улога.

„Улогата е да го обедини младите и возрасните и гајдаџии и кемаџии, односно на едно место да продефилираат многу инструменталисти, пејачи, каде покрај нивното музичко излагање ќе можат да проследат како свират нивните колеги, како се свири во нивниот регион, како звучат инструментите особено гајдите“, вели проф. Д-р Горанчо Ангелов, музичка академија Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

„Селекцијата беше навистина тешка започнувајќи од месец март па се до пред една недела. Се надева дека ги избравме најдобрите и дека публиката ќе ужива во овие 2 фествалски дена“, истакна Горан Василески, претседател на Собранието на Фестивалот „Пеце Атанасовски“.

Фестивалот денеска /утре продолжува на месноста Рудина во Општина Долнени каде ќе бидат доделени и главните награди.