Македонија
28. јуни 2016 - 18:01

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагира на прес-конференцијата на Манчевски

Локалната власт во Град Скопје предводена од ВМРО-ДПМНЕ во континуитет со години работи за интересите на граѓаните на Скопје, реализирајќи голем број проекти со кои директно им се подобрува квалитетот на животот, се наведува во реакцијата на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје на денешната прес-конференција на Дамјан Манчевски од СДСМ. 

Во изминатите седум години, како што се посочува, се проширени голем број улици, на потег со вкупна должина од околу 18 километри.

- Екипите на Градот Скопје во последниве шест години обновија (реконструираа) повеќе од 34 километри коловоз. Изградени се шест нови кружнин текови. Во моментов на терен се вршат градежни работи со вкупна вредност од околу 956 милиони денари. Се работи на проширување и пробивање на нови булевари на потег со вкупна должина од околу 7 километри, посочуваат советниците.

Во Скопје овие неколку години се изградени мостови, се реконструираа и се изградија велосипедски патеки „Скопје Велоград 2014-2017“, се изградија две нови катни гаражи во центарот на Скопје со повеќе од 1.000 нови паркинг места.

- Се реконструираат сите средни училишта, се градат нови водоводни и канализациони мрежи, се инвестира во нови паркови, целосно е обновен возниот парк на ЈСО со 300 нови автобуси, јавните претпријатија имаат нова опрема и механизација, пишува во реакцијата.

Поради овие проекти, како што наведуваат советниците, СДСМ се разгневува.

- Ништо ново од СДСМ, партија која постојано настапува деструктивно и безидејно, без ниту еден конкретен предлог за реално подобрување на животот на скопјани. Токму спротивното - СДСМ во гнев и немоќ го оштетува и руши тоа што е направено за градот и неговите жители, стои во соопштението.