Македонија
31. July 2024 - 16:33

Синдикатите ги интересира само департизација и пари – почна дебатата за реформа на администрацијата

Департизација и повисоки плати. Ова се клучните прашања кои ги интересираат Синдикатите за најавената реформа на јавната администрација откако почна дебатата за клучните закони кои, според надлежните ќе ги подобрат услугите кои граѓаните и компаниите ги добиваат од државата. 

Во спротивно, ССМ најавува и употреба на „непопуларни чекори“.

-Реформата мора да значи пред сѐ департизација на јавниот сектор и активно вклучување на целокупниот расположлив капацитет на вработните во јавниот сектор во спроведување на сите идни процеси. Тука сме денеска да слушнеме дека ќе ги зголемуваат платите бидејќи без плата нема ни работа. Платите во јавниот сектор наредните четири години ќе растат по 15% годишно и новата Влада треба да предвиди пари во Буџетот, да немаат изговори. Ние работниците сме изморени да слушаме изговори од нивна страна очекуваме тоа што ќе го кажат денеска да значи токму тоа, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Ова барање на ССМ го разлути премиерот. Вели, подготвен е да разговара со Синдикатите, но само доколку тие искрено сакаат да им помогнат на работниците.

-Нашата политика е да имаме среќни работници, а изморени, измачени политичари коишто работат за интересот на работниците. Со тие синдикални лидери јас сум подготвен секогаш да седнам и да разговарам. А откруирани, со фалсификувани документи, лидери на синдикални организации коишто се политички инструмент на опозициски партии, кои се сликаа најчесто пред 1 мај, а ништо не испорачуваа за работниците, жалам, можам да изразам жалење што дозволиле да бидат вклучени во еден таков процес, вели премиерот Мицкоски.

Министерот за администрација вели дека департизацијата е една од клучните цели на новите закони кои допрва ќе се подготвуваат. Но за зголемени плати ќе мора прво да се види со колку пари располага државата.

-Јас се надевам дека можеби не со ребалансот на буџетот, зашто буџетот е во катастрофална состојба. Но заедно со синдикатите заедно со средствата предвидени за идниот буџет ќе дојдеме до некое компромисно решение. Не би можел во овој момент да шпекулирам, кога сме на почеток на дебатата, но секако ќе имаме можности да разговараме да нудиме наши решенија, синдикатите да нудат нивни решенија, вели министерот Минчев. 
Под покровителство на Невладини организации, претставници на власта и експерти дебатираа за најавената реформа на администрацијата. Од Центарот за управување со промени велат дека законите се важни, но многу поважна е нивната примена и резултатите кои тие ќе ги дадат.

-Овие закони не треба да ја абсорбираат целата енергија во делот на реформите на јавната администрација и да го абсорбираат потенцијалот на вработените. Напротив треба фокусот да се стави на испорака на резултати и како да се подобри меѓуинституционалната координација бидејќи таа ќе ги оптимизира ресурсите и ќе ги подобри ефектите од работењето. Да се оптимизира бројот на вработени, евентуално, и институциите, вели претседателката на Центарот за управување со промени, Неда Малевска. 

Министерот Минчев вчера повлече три закони од собраниска процедура кои се однесуваат на вработените во администрацијата и јавниот сектор. Идејата е преку дебата да се дојде до најдобро решение и да се направи целосна реформа.

Во минатото постојано слушавме за наводна реформа на администрацијата, но тогашното Министерство за администрација и информатичко општество беше прво на политичкиот пазар, па честото менување на министри не даде никаков резултат.