Македонија
24. August 2019 - 16:54

Шекеринска и Ременски најавуваат тужби за клевета против Инфомакс и Република

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на својот Фејсбук профил објави дека ќе покрене тужба против порталот „Република“ за, како што вели, лагите насочени против неа.

– Ќе ја тужам „Република“ за нејзините лаги, затоа што реакции до нив се непотребни и залудни. Сите знаеме дека, со секој од своите непотпишани текстови, си одработува за своите “непознати” газди. Газдите ни ја крадеа државата, тие, пак, имаа задача да ја лажат. Лажат и манипулираат со јасна цел која ја гледаме на дело секој ден во судовите: да ги оневозможат, попречат или одложат сите постапки за криминалот, корупцијата и злоупотребите кои ги чувме во „бомбите“ и видовме на дело претходните 10 години.
Создадоа мафијашка структура која одземаше фирми и уништуваше животи преку ноќ, која контролираше, уценуваше и плаќаше новинари, која знаеше само да потплаќа, купува и продава… и сега сака да избега од правдата и одговорноста. Што ќе прави? Истото тоа, но со повеќе лаги и повеќе пари. Не успеаја досега. Нема ни сега!, напиша Шекеринска на својот Фејсбук пеофил. 

Пратеничката Фросина Ременски денеска побара повлекување на медиумските написи за записникот за „Рекет“, а во спротивно најави дека ќе се приклучи кон тужбата што денеска ја најавија и премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Ременски во статус на „Фејсбук“ наведе дека ничие право не смее да загрози право на друг, а тоа се границите на сите слободи и права на граѓаните.

„Медиумите како придобива на демократијата имаат и право и обврска да известуваат за сите прашања од јавен интерес и за случаи на криминал и корупција, почитувајќи ги начелата на новинарската етика кои вклучуваат објективно известување, проверка на веродостојноста на информациите и забрана за злоупотреба на средствата за јавно информирање за лажно обвинување за корупција“, пишува Ременски.

„Со оглед на фактот дека, лицитирањето со вината и манипулирањето со ширење на дезинформации и клевети за мене и за мојот сопруг ги сметам за напад врз мојата чест и углед, што повлекува и чувство за загрозување на мојата безбедност, ќе ги преземам сите законски дозволени средства за заштита.

Барам новинарот кој е автор на текстот во порталот Инфомакс и порталот Република кој објави клеветнички наслов да го повлечат веднаш и да се извинат во спротивно се приклучуваме кон заедничката тужба за клевета од премиерот Зоран Заев и други.

Еден од важните начела на правната држава е трагањето по вистината и одбрана на вистината, преку демократски правни средства по институционален пат“, вели Ременски во статусот на социјалната мрежа.