Македонија
3. July 2024 - 16:27

Приватните превозници нема да возат, бараат исплата на долг од над 2 милиони евра

Скопје ќе остане без приватни автобуси. Возачите ќе работат додека не ја дотрошат последната нафта. Потоа ќе ги паркираат автобусите и ќе се договараат што да прават понатаму. Не се исклучува и можноста пак да го блокираат главниот град. Се жалат дека немаат земено пари од јануари, а долгот надминува и над 2 милиони евра. 

„Дел од превозниците имаат направено долгови по бензинските, имаат и опомени пред тужба, некои се тужени, на некои им се заканува затоа што огромни суми сме задолжени што како превозници не знаеме ни што да кажеме, ни како да кажеме. Ќе престанеме да возиме, уште ден-два ќе имаме редуцирано. Огромно извинување од сите превозници, што се возат патниците, да им кажеме на овие горештини да не не чекаат зашто ние и секој колега поединечно ако снема нафта во автобусите, не може да вози понатаму. Ако не ги видиме парите, автобусите не можеме да ги возиме“ – Оливер Петрушевски, приватен превозник

Превозниците велат со претходниот директор на ЈСП, Крсте Петревски, се договориле долгот да се исплати на рати, но набрзо откако си подале рака Арсовска го разреши и стави друг на негово место, a тој се уште не ги примил на средба. 

„Јас лично бев кај директорот на состанок и тој ни вети дека ќе пушта тековно пари. Во текот на неделата ќе пушта пари и поголемата сума ќе ни ја даде за кратко време и ќе не израмни до септември, се ќе ни биде на нула. Тоа ни го кажа претходниот директор. Со новиот не сме имале разговор. Додуша не знам ни кој е. Не го познавам. Лично немам контакт со него“ – Оливер Петрушевски, приватен превозник

Со ЈСП од минатата недела раководи Драги Кушовски. Испративме прашања до претпријатието, но одговори нема.

Приватните превозници прекинаа да возат кон крајот на 2022-та поради долг од милион и пол евра. Тогаш Арсовска тврдеше дека не постои никаков долг и им ги раскина договорите по што настанаа големи гужви по постојките оти ЈСП не може да ги превезе сите патници. Иако градоначалничката убедуваше дека Скопје може да функционира и без приватни автобуси, сепак распиша нови огласи, се договорија за исплата на долгот и од мај лани тие повторно се вклучија во јавниот превоз со новорегистрирани фирми.