Loading Video...
Македонија
26. February 2025 - 12:13

Преглед на вестите од светот

Договорот за експлоатација на природни ресурси меѓу Украина и САД не вклучува американски безбедносни гаранции за Киев, се дознава од новата верзија на договорот, според Њујорк тајмс.

Весникот добил копија од договорот и соговорници запознати со текот на преговорите потврдиле дека токму таа е верзијата што страните се подготвуваат да ја потпишат, иако некои услови би можеле да бидат изменети.

-Ова е економски договор со Украина, во кој нема да има гаранции за идната помош во војната. Тој нема да вклучува никакви обврски за распоредување на американски контингент во регионот, изјавил за весникот претставник на Белата куќа.

Според соговорник на Си-Ен-Ен во Киев, украинските власти одлучиле да го одложат за разгледувањето на „проблематичните технички детали“, вклучително и прашањето за безбедносните гаранции за Украина, бидејќи американската страна „остро се спротивставува“ на тоа. Во Киев се надеваат дека оваа тема ќе биде покрената на претстојната средба меѓу претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски. Инаку, средбата е најавена за в петок.

Во првичната верзија на договорот, Киев требаше да му отстапи на Вашингтон половина од приходите од своите природни  ресурси, вклучително и од продажбата на ретки метали, нафта и гас. 

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази поддршката за иницијативата на Трамп, доколку тоа значи постигнување траен мир во Украина, со безбедносни гаранции и под покровителство на Вашингтон. Таа повика на значително зголемување на воената и економската поддршка за Киев и нагласи дека Русија мора да биде принудена да прифати одржливо и применливо мировно решение.

Фон дер Лајен, исто така, истакна дека ЕУ мора да се реформира во одбранбениот сектор.