Македонија
23. January 2025 - 16:32

Посетата на Мицкоски на САД – за ВМРО-ДПМНЕ државен успех, за СДСМ евтина ПР фарса

Премиерот Мицкоски во Вашингтон оствари државен успех, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Во фокусот на сите средби на Мицкоски биле поддршката на САД за Македонија, економските и инвестициските потенцијали за соработка. Ефектите од овие средби според партијата ќе се видат во следниот период.

- Тој е прв премиер на државата кој присуствувал на инаугурација на американски претседател, а воедно и единствен политичар од Балканот во моментот кој беше во Вашингтон на настанот оваа година. Покрај големата чест која Македонија ја има со тоа, претседателот ја искористи посетата да се види со значајни личности од Американската политика и нормално бизнис заедница. Остварени се средби со Крис Павловски, Девин Нунез, Џон Битов, Марко Галина, Такер Карлсон, Ричард Гренел, Ендру Пејкоф, Џеси Спиро, Александар Касаноф, Мајкл Ватли – претседател на Републиканската партија на САД и многу други средби. На овие средби е разговарано за поддршката на САД за Македонија, како и за инвестицискиот потенцијал на нашата држава и отвореноста за економска соработка, вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ

По ваквите тврдења на власта, од опозицијата прашуваат кои се компаниите од САД кои Мицкоски ги убедил да инвестираат во Македонија.

- Мицкоски во САД немаше ниту една важна средба за граѓантие и државата. Не видовме ниту една официјална средба, изостанаа средби со светски лидери, со високи дипломати. Никаде не беше истакнато македонското знаме, во ниту една официјална институција не беше примен премиерот Мицкоски. Јасно е дека дипломатски и политички ништо не се постигна. Но бидејќи ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Мицкоски на средбите во САД обезбедил инвестиции јавно ги повикуваме да ги соопштат кои се тие. Нека излезе ВМРО-ДПМНЕ и нека каже кои се компаниите од САД кои Мицкоски ги убедил да инвестираат откако претседателот Трамп потпиша указ за оданочување на оние американски компании кои ќе инвестираат во странство, стои во писменото соопштение на СДСМ.