Македонија
23. January 2025 - 16:34

Амнестирани обвинетите во случајот „Организатори на 27 април“

Обвинетите за организирање на упадот во Собранието од 27 април добија амнестија. Кривичниот суд го прифати мислењето на обвинителството и го усвои барањето на четворицата обвинети и за нив да се примени Законот за амнестија кој важеше за дел од обвинетите во претходниот предмет.

„Предметот ниту паднал, ниту се докажа дека настаните во Собранието не се организирани. Туку, се побара милост од државата за овие настани“, изјави Илија Трпков, Судија.

Обвинителството претходно неколкупати одбиваше примена на Законот за амнестија. Образложение бараше и повисокиот суд, па побара ново судење.

„Лично и како совет се уште сме на ставот дека интенцијата на законодавецот беше во никој случај организаторите да не се амнестираат, но во Законот за амнестија во одредбите има сврзник ИЛИ и едно А, според кои Апелациониот суд и Јавното обвинителство, сметаат дека обвинетите, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, не се лица кои постапувале спротивно на службените овластувања при вршење на кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок“ , појасни Трпков. 

За одбраната, денешната одлука на судот покажала дека нема вина кај обвинетите. Тие не ги пречекориле своите овластувања, а тврдат и дека судскиот процес бил монтиран.

Судот пак ги повика осудените од претходниот предмет да го следат примерот на амнестираните и да побараат милост од државата. Судијата Трпков, ги смета за патриоти но вели, државата не се сака со тепање и демолирање. Тие биле искористени за политички цели.

„На македонската јавност сосема и е јасно на кого се помага со законите и во чија полза тие се толкуваат. Сигурно не се толкуваат во полза на оние осудени лица за настаните кои се наоѓаат во македонските затвори. За кривичните дела кои се случија таму, наведнете ја главата и побарајте прошка од државата како што овие обвинети тука побараа“, појасни Илија Трпков, Судија. 

Со претходната пресуда, обвинетите беа осудени на затворски казни од над шест години. Според обвинението организирале непречено влегување во Собранието, мобилизирале партиско членство и патриотски здруженија. По пет години од првото рочиште, денеска беа ослободени од кривичен прогон.

„Главната расправа е завршена, можете да си одите, слободни сте“ , рече на крајот на денешното рочиште судијата Илија Трпков.