Македонија
4. July 2024 - 16:33

Поранешно „Македонија пат“ во катастрофална состојба: Изгорело возило вредно 200.000 евра

Цели 12 години со блокирана сметка работи Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, познато како поранешно „Македонија пат“. Последниот извештај на Државната ревизија за 2022 година покажува  и дека претпријатието има долг од 10 милиони евра.

Иако сметката е блокирана, судот определил месечен лимит од 3,7 милиони евра, пари кои му се потребни за да може да функционира

Сепак, и покрај завидната состојба во која се наоѓа, Јавното претпријатие секоја година ги зголемувало обврските кон добавувачите и за четири години тие се зголемиле двојно. Во 2022 година изнесувале скоро 16 милиони евра. Причината за тоа било изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на гориво и растот на цените на стоките и услугите.

-Ваквиот начин на функционирање на ЈП, кое не е во можност редовно да ги плаќа доспеаните обврски, влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и зголемување на обврските по основ на камати, што неповолно влијае на финансиската стабилност и ликвидност на претпријатието и во исто време влијае на тековното работење на добавувачите и вредноста на стоките, работите и услугите кои се добиваат во постапките за јавни набавки, нотира Државната ревизија во извештајот.

Јавното претпријатие во 2021 година купило 15 специјални возила за чистење снег. Но не видело потреба дека треба да ги осигура. Во декември истата година, по изминати само 150 километри и дваесет дена по приемот, едно од овие возила било опожарено. Раководните лица не ја искористиле фабричката гаранција, а тужба за надомест на штета била поднесена цели две години по пожарот. Цената на ова возило е 192.000 евра...

Во сметководствените книги не биле прокнижени 3 милиони евра кои претпријатието ги должи. Вработените не дале соодветно образложение зошто овие пари ги нема никаде на хартија.

Поради лошата патна инфраструктура, Јавното претпријатие се соочува со 101 тужба од правни и физички лица кои имале оштетувања на своите возила. По основ на надомест на штети, камати и судски трошоци за овие постапки во 2022 година поранешно „Македонија пат“ должело 262 илјади евра.

Државната ревизија открила и дека во Струга и Охрид нема соодветни услови за чување на залихите на сол за зимско одржување на патиштата.

Но сите овие недостатоци не биле пречка за да растат платите на вработените и тоа без согласност од Владата. Сепак, бројот на вработени од 840 се намалил на 796.