Помал економски раст и зголемување на инфлацијата, предвидува Народната банка
– Помал економски раст и зголемување на инфлацијата предвидува Народната банка, која направи надолна ревизија на априлските проекции.
Есенските проекции на централната банка покажуваат дека годинава би ја завршиле со инфлација од 14,3 проценти, а следната година се очекува постепено забавување на ниво од 8 до 9 проценти. На среден рок, инфлацијата ќе се намалува сведувајќи се на 2,4 проценти во 2024 година и на 2 проценти во 2025 година. Не се предвидува квартален пад на економијата.
Според основното сценарио, стапката на раст за годинава би била 2,3 проценти, а за следната година 2,6 проценти, додека според второто сценарио, растот оваа година би изнесувал околу два процента и би забавил на 1,8 проенти следната година. На среден рок, се предвидува опоравување на растот на БДП на 3,6 проценти во 2024 година и на 4 проценти во 2025 година. Ризиците околу растот остануваат надолни и во голема мера ќе зависат од движењата во европската економија.
– Ризиците за проекциите се оценуваат како изразено надолни и се поврзани со надворешното опкружување особено со текот на војната во Украина и импликациите на глобалните пазари врз примарните производи и врз растот на европската економија. Овој неизвесен глобален контекст уште повеќе ја потенцира потребата за водење на прудентни домашни политики, истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на денешната прес-конференција.
За разликата во инфлацијата што ја има во Европската унија и кај нас, гувернерката вели постојат неколку фактори.
– Нашата увозна зависност и степенот на трговска отвореност на нашата економија е значајно поголем во споредба со Европската унија. Кај нас трговската отвореност е 140 проценти од БДП, а во ЕУ 70 проценти. Вториот важен фактор е голема увозна зависност во енергетскиот сектор, а нашата економија во споредба со европската е поенергетски интензивна. Третиот значаен фактор е потрошувачката кошничка, односно кај нас на храна и енергија отпаѓа околу 50 проценти, а во ЕУ околу 30 проценти. Оттука јасно е дека ист глобален шок ги погодува сите економии, но интензитетот со кој ги погодува, зависи од голем број домашни фактори, посочи Ангеловска-Бежоска.
За годинава, дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања се очекува да изнесува 7,4 проценти од БДП, а во 2023 година предвидено е да се намали на 5,6 проценти за на среден рок во 2024-2025 година да имаме низок дефицит на тековната сметка од 1,6 проценти од БДП, сличен на претпадемискиот просек.
Од Народната банка уште еднаш потврдија дека граѓаните не треба да се грижат за стабилноста на денарот затоа што девизните резерви се на ниво од 3,7 милијарди што е на слично ниво како и на почетокот на годината, а очекувањата се дека тие ќе продолжат да растат што е гаранција за одржувањето на домашната валута.
Приватните трасфери од странство бележат зголемување и се очекува годинава да надминат две милијарди евра. Минатата година растеле близу 40 проценти, а досега оваа година околу 30 проценти.
Најновите проекции за кредитниот пазар упатуваат на умерено забавување на растот на кредитната активност до крајот на годинава, кое ќе продолжи и во 2023 година. Растот на кредитите во 2022 година се очекува да изнесува 9,2 проценти на годишна основа, додека во 2023 година 7,1 проценти. Во следниот период се очекува стабилизирање на кредитната активност, со просечна стапка на раст од 7,5 проценти во периодот 2024‒2025 година, во услови на раст на домашната економија, стабилизација на очекувањата и зголемена побарувачка на кредити од домаќинствата и корпоративниот сектор.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Тони Коњановски, градоначалник на Битола
-
Неолитски населби кај струмичко Костурино и дојранско Црничани
-
Протест против загадувањето на воздухот
-
СДСМ: Власта е виновна
-
Рамиз Мерко остана без пасош – Обвинителството покрена ново обвинение против него за ширење етничка омраза
-
Муртезани: Брисел има разбирање за нас, шансата ни е стабилна влада во Бугарија
-
Примарното здравство пред пензија – помалку од 1400 матични лекари во државата
-
Исходот од пукање петарди може да биде фатален