На вонредна седница на Влада ќе ги замрзнеме цените ако има нагло поскапување, рече Дурмиши
Трговците се вразумија и ги намалија цените на производите кои поскапеа деновиве, вели министерот за економија. Јајцата, маслото за јадење, дел од сувомеснатите производи, млекото, путерот, гравот од вчера имаат етикети со пониски цени.
Поради тоа засега нема да се носи одлука за замрзнување на цените, но пазарните инспектори засилено ќе контролираат и ако забележат поскапување, одлуката ќе се активира.
„Ние веќе имаме подготвено одлука за замрзнување на цените, но засега нема да ја предложиме до Владата. Ќе ја следиме ситуацијата со цените. Доколку се случи да има нагло зголемување на цените, веднаш ќе побарам да се свика вонредна седница на Владата и да предложам одлука за замрзнување на цените“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Трговците кои ги зголемиле цените добиле само опомена, но не и казна, затоа што „новогодишната кошница“ не е владина одлука, туку иницијатива на бизнис секторот поддржана од Владата.
„Ако не ја почитуваат, како што почна првите денови, нивната иницијатива, нивната мерка, тогаш ние ќе одиме со одлука на Влада. Мислевме дека ќе покажат општествена одговорност, но очигледно не беше така“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Опозицијата и денеска критикува.
„Според проценките на СДСМ неколку милиони евра вреди грабежот врз граѓаните од страна на големите трговци преку т.н. „кошнички“. Штета не може да се надомести, а многу семејства ќе се соочат со економски потешкотии токму во пресрет на новогодишните празници“, велат од СДСМ.
Новогодишната кошница брои над 1.100 производи и ќе важи до средината на јануари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар