Македонија
1. March 2016 - 14:54

Поддржани измените на Законот за заштита и спасување, во прво читање

Собранието на Република Македонија во рамки на 92-та седница го разгледа Предлог законот за изменување на Законот за заштита и спасување, во прво читање, и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.

Со измените, како што рече заменик министерот за одбрана Иљми Селами, се предлага сертификатот Аптис да не се прифаќа како доказ за познавање на англиски јазик при изборот на директор и заменик директор на ДЗС, но не и другите сертификати или уверенија со кои се докажува активното познавање на англискиот јазик.

Собранието ја почна и општата расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија, во прво читање, поднесен од пратеникот Павле Трајнов од ДС.

Трајнов, како што рече, предлага минималната плата во земјава да изнесува 18.000 денари или 300 евра.

- Сметам дека ниските плати во Македонија се причина што многу млади способни кадри заминуваат во странство. Плата од 10.000 денари е неприфатлива и со неа не може да се прехрани едно смејство, бидејќи според пресметките на Синдикатот потрошувачката кошница за едно четиричлено семејство изнесува 500 евра, рече Трајанов.

Тој посочи дека странските компании во земјава исплаќаат од 150 до 170 евра месечно, а во странство истите компании нудат и по 2.000 евра, што, како што рече, влијае деструктивно кај домашните компании и предизвикува намалување и на платите што ги нудат тие. 

Во реплика Владанка Авировиќ од СП посочи дека не е во ред да се предлага висина на минимална плата доколку нема гарантиран извор на средства.

Расправата ќе продолжи по редовната пладневна пауза.