Македонија
5. October 2016 - 17:08

По вторпат објавен огласот за продажба на акциите на ФК „Брегалница“

Општина Штип по вторпат  го објави огласот за продажба на  250 акции на Фудбалскиот клуб Брегалница, кои претставуваат 100 проценти од вкупните акции на овој клуб.

Портпаролот на општина Штип, Драган Ристов денеска рече дека вкупната вредност на акциите се минимум 25.000 евра, односно 100 евра по акција. Пред два дена првиот оглас беше поништен, поради нестатоци во постапката, односно огласот не бил објавен во весник на странски јазик.

-Продажбата ќе се изврши по пат на јавно надавање, со поднесување на затворени понуди. Јавниот повик за продажба на акциите се смета и за успешен и во случај ако биде доставена и само една понуда. Основен критериум за избор на најповолна понуда ќе биде највисокиот понуден износ во минимум годишно вложување за временски период од 10 години, при што понудениот износ не може да биде понизок од 300.000 евра, кои се потребни за покривање на трошоците за плати, котизации и премии, истакна Ристов.

Рокот за доставување на понудите за купување на акциите на ФК „Брегалница“ е 21 октомври до 11 часот, кога и ќе биде отварањето на понудите од страна на Комисијата, која е формирана од страна на општината. Огласот ќе биде објавен деновиве и на англиски јазик во ТЕД, кое е службено гласило на ЕУ.

Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев денеска изјави дека на Градскиот стадион се поставуваат и новите рефлектори.

-Спортскиот терен веќе комплетно е завршен, посадена е втората англиска трева. Денеска ќе почне монтирањето на рефлекторите. Општина Штип  ја исполни својата обврска да донесе квалитетно напојување со електрична енергија. Тоа е доста скапа инвестиција, бидејќи требаат околу 400 киловолти. Тоа е завршено и ќе почне тендерска постапка за изградба на  западната трибина, вели Захариев.

Штипскиот градоначалник истакна дека за наредната година планирано е изградба на источната трибина, реконструкција на соблекувалните и надградба со апартмани за фудбалерите и гостите на ФК „Брегалница“.

Досега во реконструкцијата на Градскиот стадион се инвестирани околу 500.000 евра, а како што вели Захариев до крајот на реконструкцијата очекуваат да се инвестираат уште 300.000 евра, со што вкупната инвестиција во стадионот би изнесувала околу 800.000 евра. Општина Штип во соработка со Фудбалската федерација реконструкцијата на стадионот ја врши со финансиски средства од ФИФА и од буџетот на општината.