Македонија
14. January 2025 - 16:47

Протест на вработените во дел од државните институции, бараат повисоки плати

30 минутен протест за 30 отсто повисоки плати. Вработените во 6 министерства и две државни институции незадоволни од ниските плати го прекинаа работното време половина час. Бараат  потпишување Колективни договори, со кој ќе им се изедначат платите со административците во другите институции.

- Висината на платите на вработените кои денес протестираат почнува од 25.010 денари, просечната плата во овие институции изнесува околу 29.000 денари, а просечната плата во државата 42.124 денари. Додатокот што го бараме од 30 отсто, значи дека вработените би добиле 6.000 денари за кој би била зголемена нивната плата, но и покрај тоа сите вработени би биле под просекот на државата. Ова наше барање е старо повеќе од четири години – изјави Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ

Минатата неделе со шртајк почнаа вработените во државното правобранителство, а денеска им се приклучија и вработените во Архив, Заводот за статистика, Министеството за животна средина, економија, култура, дигитална трансформација, правда и земјоделие. 

Го одбрале вторник затоа што денес има седница на влада, на која претседателот на УПОЗ бара токму покачувањето на  платите да се стави на дневен ред. Но од владата, штрајкот го оценија како незаконски и политички мотивиран. Дијалогот, според нив, треба да се води на социоекономскит совет, а не на улица.

Од СДСМ  застанаа на страната на работниците и побараа владата да ги зголеми платите и да ги потпише колективните договори.

- Спорно е што вработените во дел од јавниот сектор и министерствата се дискриминирани во однос на нивните колеги во други институции како Министерството за финансии, Службата за општи и заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат во Владата, кои добиле покачувања на платите. СДСМ бара од Владата да обезбеди целосна рамноправност меѓу вработените во јавниот сектор, а потпишувањето на колективните договори да биде приоритет, се наведува во соопштението од опозициската СДСМ.