Македонија
23. November 2015 - 11:03

Осми „Скопје постер фестивал“ од 30 ноември

Во Младинскиот културен центар на 30 ноември ќе биде отворена изложба на постери од 8. Меѓународен студентски конкурс на тема „Сите за луѓето со хендикеп“ (Enabled for Disabled). Изложбата ќе може да се посети до 5 декември. 

Ќе бидат претставени и дела на победниците од минатогодишниот, седми конкурс (Дизајн за мир), како и детски цртежи од септемвриската работилница под менторство на младиот дизајнер од Полска Јан Бајтлик.

Во рамки на осмиот „Скопје постер фестивал“, од 30 ноември до 5 декември во Скопје ќе гостуваат познати графички дизајнери од повеќе земји. На 1 декември предавања ќе одржат членовите на меѓународното жири, кои ќе опфатат теми како: проекти од културен карактер, социјален плакат, но и комерцијални проекти кои се дел од нивните портфолија, презентација како се развиваат дизајн проекти од идеја до реализација и презентација на тема „Руски дизајн“. 

Нова содржина на „Скопје постер фестивал“ ќе биде изложба на најзначајните и меѓународно признати дела на членовите на жирито. За  времетраењето на фестивалот ќе биде претставен избор на дела од Грамлиш, Џуровски, Поч, Банков и Трокслер.