Народната банка вклучена во Програма финансирана од ЕУ за јакнење на капацитетите на централните банки од Западен Балкан
Централната банка на Германија заедно со седумнаесет други централни банки од Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), Европската централна банка (ЕЦБ) и Европската комисија пред два дена почнаа со спроведување на Програмата финансирана од Европската Унија за јакнење на капацитетите на централните банки на земјите кандидатки и потенцијални кандидатки за членки на ЕУ од Западен Балкан.
Покрај централната банка на земјава, крајни корисници на проектот се и централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Корисници на програмата се и агенциите за банкарство на Босна и Херцеговина и Република Српска, како одделни тела за банкарска супервизија. За оваа регионална програма ЕУ издвои два милиона евра од својот Инструмент за пристапна помош (ИПА 2).
Како што соопшти Народна банка на Република Северна Македонија, станува збор за двегодишен проект во рамки на активностите за интеграција на централнобанкарските институции од регионот во ЕСЦБ.
– Програмата за понатамошно зајакнување на институционалните капацитети на централнобанкарските институции вклучени во проектот пред сѐ подразбира натамошно зајакнување на аналитичките алатки и алатките предвидени во политиките, како и воведување на најдобрите меѓународни и европски стандарди во националните практики, се вели во соопштението.
Во следните две години ќе биде спроведена интензивна регионална програма за обука за клучните прашања од областа на централното банкарство и супервизијата. Обуката особено ќе се фокусира на банкарската супервизија, финансиската стабилност, заштитата на потрошувачите на финансиски услуги и финансиското вклучување, закрепнувањето и справувањето со нефункционалните кредити, монетарната политика, платните системи, статистиката, усогласеноста на легислативата и интеграцијата во ЕУ, политиките за управување, сметководството и внатрешната ревизија. Обуката ќе биде одржана од експерти од националните централни банки на ЕСЦБ и ЕЦБ.
Во остварувањето на програмата, Централната банка на Германија ќе соработува со централните банки на Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Литванија, Унгарија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словенија и Словачка. Особено значен е и придонесот што ќе го има ЕЦБ.
– Нашата централна банка е максимално посветена на својата стратегиска цел за пристапување кон ЕСЦБ и ќе настојува максимално да ги искористи придобивките од оваа програма, се вели во соопштението од Народна банка на Република Северна Македонија.
Ново на Сител
-
Возачот што ја прегази Фросина ќе се гони за кривично дело со умисла
-
Филков ја разреши Даниела Алексовска Стојановска од работната група за измените во Кривичниот законик
-
ВМРО–ДПМНЕ и СДСМ продолжуваат со препукувањата за судијката Алексовска Стојановска
-
Собранието со јавна расправа за подобра безбедност во сообраќајот
-
Запленети 1 милион евра во акцијата Вардар, фалсификувани пари пронајдени и во 6 европски држави
-
Проширена истрагата за Адитив - Осомничени уште 8 лица
-
Обвинетите за убиството на Вања еден час ја чекале да излезе од зградата за да ја грабнат
-
Владата сака независно тело да пресметува официјална потрошувачка кошница