ВМРО–ДПМНЕ и СДСМ продолжуваат со препукувањата за судијката Алексовска Стојановска
Обвинителството да отвори истрага а Судски совет да ја разреши судијката што го ослободила возачот кој ја усмрти младата Фросина, бараат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата на власт велат дека судските органи немаат време и треба веднаш да почнат со спроведување на законот.
- Возачот убиец кој ја усмрти младата Фросина Кулакова, дента наместо во возило требал да биде во затвор, ако судијката Даниела Алексовска Стојановска, наместо во поправен дом го испратила во затвор како што според закон и требала да постапи.
Возачот убиец бил фатен за трговија со наркотици, и по ниту еден основ не можел да заврши во поправен дом.
Судскиот совет да не чека да помине време, туку веднаш да ја разреши судијката Даниела Алексовска Стојановска, изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
И додека изминатите денови од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваа дека судијката Алексовска Стојановска е кадар на СДСМ, од опозициската партија денеска им вратија дека партијата на власт лаже и манипулира, и како што велат, гази по трагедија за да се одбранат политички.
-Наместо да најдат решение за проблемите, тие шират лаги, спинуваат и бараат виновници во СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ треба да знае дека СДСМ не е криво што Васов добил телефон во Шутка! СДСМ не го стави неговиот татко на висока воена позиција под заштита на оваа власт! СДСМ не ја избра судијката Алексовска Стојановска, ВМРО-ДПМНЕ ја избра од тефтерчето на Гордана Јанкуловска.
Денес, наместо да покажат минимум човечност и да застанат на страната на правдата, тие повторно лажат и манипулираат, стои во писменото соопштение на СДСМ.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар