Мицкоски од Брисел: Нашето место е во ЕУ, да бидеме рамноправна и полноправна членка
Денеска сме овде во Брисел да испратиме порака дека македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и дека нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите.
Ова го порача од Брисел премиерот Христијан Мицкоски, кој во престолнината на Европската Унија предводи владина делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, неговиот советник за надворешни работи, амбасадорот Марковски и шефот на кабинет, Владимир Нелоски.
Мицкоски како што се посочува во соопштението од владината прес служба, работниот ден денеска го започнал со билатерален состанок со заменик претседателката на Европската Комисија и одговорна за надворешна политика и одбранбени прашања Каја Калас.
-На состанокот разговаравме за сите оние стравови и за сето она што ние како држава и како народ моравме да го направиме во минатото во име на тие исти европски вредности и дека никогаш повеќе не смееме не само поради нас туку и поради вредностите коишто ги споделуваме со Европската Унија да разговараме за билатерални прашања, за идентитетски прашања, и никогаш повеќе никој нема право да го оспорува нашиот многувековен идентитет и нашиот мајчин, македонски јазик којшто има многувековни корени, истакнал Мицкоски.
Посетата продолжува со билатерални средби на премиерот Мицкоски со премиерот на Полска, Доналд Туск кој ќе биде следниот претседавач на Европска Унија, предвидена е и билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, по што ќе учествува и на официјалниот Самит на Европската Унија со Западен Балкан.
-Очекувам навистина позитивни впечатоци, тука сме да ги браниме македонските интереси, македонскиот идентитет и истовремено да испратиме порака дека нашето место, веќе неколку пати тоа сме го потврдиле и го заслужуваме, е токму тука да бидеме рамноправна и полноправна членка на Европската Унија, вели премиерот Мицкоски.
Имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан, напорите за регионална интеграција, како и можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу Европската Унија и регионот, ќе бидат главни теми на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан .
На работната вечера на Самитот, лидерите ќе разговараат и за геополитичкиот контекст и предизвиците што ги засегаат ЕУ и регионот на Западниот Балкан. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ќе претседава со Самитот, во поканата за собирот посочува дека „сегашниот геополитички контекст бара да се даде нов моментум на работата на ЕУ со земјите од регионот“.
Утре, премиерот Мицкоски ќе учествува и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи пред средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ.
Ново на Сител
-
Водата во Скопје по санацијата е безбедна за користење покажаа испитувањата
-
“Беланоца” криела гранати и ТНТ под земја и во објекти во Арачиново
-
Каде е Груби? Политичките препукувања продолжуваат
-
40 отсто од граѓаните задоволни од Мицкоски, СДСМ вели анкетата е лажна
-
Опозицијата обвинува дека новогодишната кошница нема ефект, власта го тврди спротивното
-
Каква економија не очекува
-
Штипска Физикална се модернизира за да одговори на потребите на пациентите
-
На Водно се засекуваат бадникарските дрвца