Македонија
28. April 2021 - 15:16

Локвенец: Набргу ќе се санираат последиците од несреќата со товарниот воз во Романовце

Дванаесет вагони од товарен воз се излизгаа од пругата кај кумановско Романовце, штета има и на 250 метри пруга. Стручните екипи ќе работат и за време на празниците за да се оспособи пругата на Коридорот 10, информираше директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура-Железници на Република Македонија,  Хари Локвенец кој изврши увид на местото на несреќата.

Откако ќе се отстранат вагоните ќе се работи на санација на пругата  и да продолжи железничкиот сообраќај, што е во прекин по несреќата.

-Најдобриот дел во една ваква несреќа е што нема човечки жртви, но има голема материјална штетата и не само моменталната туку и сета онаа загуба која сите заедно ја претрпуваме и ќе ја претрпуваме заради нефункиоцнирањето за нас многу важниот Коридор 10 од железничката пруга и поврзаност на нашата држава со целиот свет, изјави Локвенец.

Стручна екипа, експерти од Македонски железници Транспорт и Македонски железници Инфраструктура ќе оценува која е причината и колкава е материјалната штета од несреќата.

Локвенец вети дека вработените во Македонски железници Инфраструктура ќе работат и за време на празниците и ќе ја оспособат пругата, поради важноста на оваа делница.

Товарниот воз 45702 кој пренесуваше толчаник (камен) за потребите на Македонски Железници Инфраструктура се излизга утрово во 09: 20 часот од Трубарево до Романовце. Излизгани се 12 вагони од композицијата која има вкупно 20.