Македонија
1. August 2024 - 16:33

Kредитите за пругата кон Бугарија не може да се пренаменат, кажа министерката за финансии

Парите за пругата кон Бугарија не може да се пренаменат, вели министерката за финансии. Според неа, со кредиторите може да се разговара за нов заем, но не и за користење на парите за други проекти.

„Вие кога одите во банка, барате кредит за стриктна намена. Банката ви го одобрува за таа намена. Вие ако сакате да пренамените средства не може да ги крстите како „пренамена“, мора повторно да отидете да аплицирате за нов кредит“ – Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии

На средба со Европската инвестициска банка Кочоска настапила со аргументи зошто пругата кон Бугарија не треба да се гради.

„Тоа е траса што води од Драч до Бургас. Хипотетички ќе ја направиме. Што ќе превезува и каква додадена вредност ќе има за државата? Што ќе ни донесе економски? Од европската инвестициона банка ми велат „ама знаете, има НАТО аспект“. Супер! Јас многу отворено ги прашав: „Дали ќе нè сакаат НАТО и Европската унија ако ние банкротираме?“ Имаме проблеми со пругата кон Солун која е многу повеќе потребна на македонските компании“ – Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии

За третата фаза од железничкиот коридор 8, од Крива Паланка до бугарската граница, се обезбедени 560 милиони евра. Од нив 350 милиони се од ЕБОР и ЕИБ. 150 милиони евра се од инвестициската рамка за западен балкан, а остатокот од ИПА 2 програмата.

На брифингот со новинарите, Кочоска кажа дека со ребалансот на буџетот во судството и обвинителството се скратени само парите за нови вработувања. Праксата покажала дека иако редовно се одвојуваат средства не се примале нови кадри. Обвинителството немало ниту доставено годишен план за вработувања.

Тие предвидуваат во ставката плати постојано како да ќе вработуваат нови кадри. Никого не вработуваат, тук таму по некој и потоа си ги пренаменуваат средствата, а нови вработувања нема никадеГордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии

Ребаласот на буџетот треба да биде изгласан најдоцна до средината на август.