Македонија
18. November 2017 - 9:20

Конкретни проекти за соработка теми на заедничката седница на македонската и бугарската Влада

Можностите за активирање на односите меѓу министерствата за надворешни работи, интеракцијата и меѓусебната помош при катастрофи, поддршка во обуката и подготовка на војниците од вооружените сили на Република Македонија, соработката во областа на телекомуникациите, инвестициите и енергетиката, се прашањата кои ќе ги разгледаат македонската и бугарската Влада на првата заедничка седница што ќе се одржи на 23 ноември во Струмица.

- Врз основа на постигнатите спогодби и во согласност со Договорот за пријателство, соработка и добрососедство ќе бидат потпишани билатерални документи. Напредокот во добрососедските односи меѓу Бугарија и Република Македонија ќе биде одбележан со усвојување на заедничка декларација, информираат денеска од Владата на РМ.

Одржувањето на заедничката седница беше договорено за време на официјалната посета на премиерот Бојко Борисов во Скопје во почетокот на август оваа година, кога беше склучен Договорот за пријателство, соработка и добрососедство меѓу двете држави.